Search
Search

Луксузниот воз „Ориент-експрес“ конечно ќе ги спои Париз и Портофино

Кога ќе се спомне „Ориент-експрес“, први асоцијации се Агата Кристи, луксуз, гламур, патување од Париз до Истанбул. Во меѓувреме, и други градови се појавија на листата на дестинации, а некои беа откажани, како што беше случајот со Лондон неодамна. Сега се најавува нова линија, до едно од најпопуларните италијански одморалишта, пишува „Б92“.

Од јуни, како дел од брендот „Венис Симплон – Ориент-експрес“, ќе се воведе линија која ќе го поврзе Париз со Портофино, модерна дестинација на Лигурското Море, во близина на Џенова. Оваа линија беше најавена откако во ноември минатата година беше откажана линијата што го поврзуваше Лондон со вообичаената Венеција – Париз. Ова патување е организирано од компанијата „Белмонт“.

 
 
Фото: Инстаграм/ Venice Simplon-Orient-Express

Како што е најавено, возот со 11 вагони ќе поаѓа од Париз во 15 часот, а потоа ќе оди низ Франција, поминувајќи низ Дижон, Лион и Авињон, па покрај Азурниот брег пред да влезе во Италија. Крајот на патувањето е на станицата „Санта Маргарита Лигуре“, која е на влезот во Портофино, каде што возот пристигнува во 13 часот следниот ден.

Оттаму гостите ќе бидат превезени во Портофино и следните две ноќевања ќе ги поминат во познатиот хотел „Сплендидо“, кој се наоѓа во манастир од 16. век над пристаништето Портофино. Ден подоцна за нив ќе се одржи филмска проекција на отворено во плоштадот „Пјацета“.

Фото: Инстаграм/ Venice Simplon-Orient-Express

Оброците во возот ќе им ги подготви готвачот Жан Имберт, со целовечерен концерт на свинг оркестар, за сè да биде во склад со некои дамнешни времиња. На гостите ќе им бидат на располагање осум нови апартмани, уредени минатата година. Исто така, Имберт лично ќе им подготви вечера од пет јадења на патниците во во хотелот „Сплендидо“.

Ова е првпат овој воз да ја посети италијанската ривиера, но нема да биде последен, бидејќи планот е оваа рута да се повторува секоја година, а датумите за 2025 година сè уште не се потврдени.

Исто така, билети може да се купат само за еден правец. Оние кои сакаат да се вратат во Париз со воз ќе треба да се задоволат со обичен воз преку Џенова и Милано, а потоа со супербрзиот воз „Фречијароса“ за Париз.

АКТУЕЛНО