Mакедонија го празнува Ерделези: Празникот на Ромите кој доби свој статус од УНЕСКО

Заедницата на Ромите, и од православна и од муслиманска вероисповед, денеска го празнуваат Ѓурѓовден. Православните христијани го слават денот на свети Ѓеорѓиј Победоносец или Ѓурѓовден, додека кај Ромите е познат како Херделези или Ерделези.

Ѓурѓовден е еден од најзначајните празници со кој припадниците на ромската заедница го слават доаѓањето на пролетта, будењето на земјата, плодноста. Инаку Ерделези, Ромите го слават како народен, а не како верски празник, но секако со многу интересни и бројни обичаи, со кои ја испраќаат зимата и го слават доаѓањето на пролетта. Во минатото, Ромите со овој празник го одбележувале крајот на зимата и со доаѓањето на пролета, ги земале чергите и повторно поаѓале на пат.

Подготовките за овој голем празник, Ромите го почнуваат еден ден претходно, а главен обичај се плетење венчиња од растенија, миење со билки и капење во река. Навечер или пред зора, некој од домашните во блиската шума собира зелени гранчиња и со нив ги украсува прозорците и вратата на куќата. Обичај е да се плетат венчиња „ѓурѓовденски цвеќе“, кои стојат над вратата се до следниот Ѓурѓовден.

Наутро, пред зора, станува најстариот член на семејството, без разлика дали е татко или мајка, се мие надвор, зема гранче од дрен и ги буди останатите членови со лесен удар за да бидат „здрави како дрен“. Потоа почнува славењето со музика, игра, а за Ѓурѓевден треба да има што побогата трпеза. За Ѓурѓовден се подготвува богат ручек кој неизбежно содржи младо јагне, и традиционалната баклава. А од денес па се до Митровден, се јадат најразлични зелени салати, и се прават свадби за младите момци и девојки. Според етнолозите, Ѓурѓовден како празник има обединувачка моќ бидеќи е тоа повеќе народен, отколку верски празник, со многу обичаи и обреди.

Според народните верувања, ако на Ѓурѓовден е ведро небото, тогаш годината ќе биде плодна, а доколку на овој празник и утредента врне дожд, тогаш летото ќе биде сушно.

-Празникот на природата и будењето на вегетација, според народниот пролетен календар, кај Ромите од Скопје, се нарекува Ерделези. Поради заедничкото живеење со христијанското население, Ромите го прифатија и називот Ѓурѓовден. Овој празник се прославувал од 2 Мај до 9 Мај, каде што во најголем дел од обичаите присутни се симболите зеленило, изворска вода, колективно обредно чистење, јагне и прослава по широките полјани, вели за Градска.мк м-р Даниел Петровски, докторант при Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, истражувач на ромскиот фолклор и етнологија.

Тој додава дека скопските Роми, порано масовно го одбележувале овој празник, чистејќи ги своите домови и украсувајќи ги со зелени гранчиња, на малите деца им купувале нова облека, купувале и жртвувале јагниња и секогаш на 9 Мај, покрај француските гробишта се собирале и прославување со богата празнична трпеза.

м-р Даниел Петровски, докторант при Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, истражувач на ромскиот фолклор и етнологија.

-Сега, особено веќе неколку години наназад, овој празник се помалку се прославува, пред се поради современите текови на општеството но и поради религијата која не дозволува празнување на празници кои се спротивни од религиските догми. Со празникот Ерделези се означува премин од едно кон друго време односно премин од зима кон лето и токму затоа и обредите и обичаите во рамките на овој празник се насочени кон посакување на среќа и здравје на домашните во периодот кој следи, појаснува Петровски.

Празникот Ерделези е заштитен како нематеријално културно наследство кај Ромите од страна на Министерството за култура и како такво добро е ставен е на листата и на Унеско, заедно со прославата на овој празник кај Турците Хед’р’лед.

-Изборот на најубаво јагне, според моите истражува се правело и пред Ромите да се преселат во Шуто Оризари, односно додека живееле во Топаана. Според мене, оваа традиција на најубаво јагне се прави најмалку еден век. Дали може да изумре… Сметам дека не, пред се поради семејниот континуитет кој го одржуваат сопствениците на најубавите јагниња, додава тој.

Според Петровски тоа едноставно е традиција веќе станува дел од семејството која се пренесува од колена на колено. 

-На неколку од фотографиите можете да се забележат и мали деца кои се радуват на јагнињата.Иако во изминатиот период, бројот на покажувачи на јагниња бил поголем, сепак сеуште неколку фамилии не се отргнуваат од оваа традиција. Во последните неколку години, забележав дека бројот на учесниците на неформалниот натпревар се зголемува, вели Петровски.

2 Мај е денот кога се презентираат најубавите јагниња во Шуто Оризари, по повод претстојниот празник Ерделези. Имено, неколку семејства од Шуто Оризари, најмногу од кај Топаанлиите и Маџурите а во последните години застапен и од кај Џамбазите и Барутчиите, неколку месеци пред празникот купувале мали, штотуку родени јагниња, со цел, да учествуваат на колективниот натпревар за најубаво шампионско јагне.

Според Петровски иако е натпревар, сепак не постои официјална комисија која ќе одлучува за најубавото јагне. Насобраниот народ, помеѓу себе говори, чие јагне е “шампионско” за оваа година.

-Како услов за јагнето да ја носи титулата „шампионско“ е да биде големо и високо, да нема повеќе од 6 месеци и сè уште да цица мајчино млеко, а неговите влакна да бидат жолтеникави и многу меки, вели тој.

При носењето и покажувањето на јагнињата купени од скопските села Рашче и Копаница, има неколку тајфи на музичари со зурли и тапани кои свират мане пред шампионите, т.е. сопствениците на шампионските јагниња и пред Албанците сточари, одгледувачите на овци од кои се купени овие јагниња.

-Овој настан, кој сопствениците самостојно го организирате, се одржува веќе повеќе од половина век во Шуто Оризари, а според моите истражувања, овој колективен настан се одржувал и предходно во населбата Топаана, од каде најголемиот дел од ромското население се преселува во Шуто Оризари, после земјотресот во Скопје, додава Петровски.

 

Соња Танеска

АКТУЕЛНО

Поврзани објави