Search
Search

Маричиќ: До Брисел е испратен предлог Акцискиот план за правата на заедниците во земјава

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека до Брисел е испратен предлог Акцискиот план за правата на заедниците во земјава. Маричиќ уште во декември соопшти дека европските институции ги имаат акцискиот план и двата патоказа. Едниот за владеење на правото, а другиот за реформи во јавната администрација. Без нив не може да се отвори првото преговарачко поглавје.
Од МНР неодамна истакнаа дека конечниот Акциски план не е доставен до ЕУ зашто претходно треба да биде ставен на јавна расправа. Во него се опфаќаат и елементи кои се однесуваат на правата на бугарското малцинство во земјава. Поради тоа, МНР предлага дебатата за планот да коинцидира со јавната расправа за внесувањето на Бугарите во Уставот.

„Испратена е една верзија на Акцискиот план, којашто е определена дека не е конечна, туку дека е работна. Во моментот кога ќе процениме, заедно во комуникација со Брисел, дека треба да се испрати конечната верзија, ќе ја испратиме“, рече Бојан Маричиќ – прв вицепремиер.

И патоказите и Акцискиот план треба да бидат усвоени и прифатени од сите земји-членки на Унијата, вклучително и Бугарија. Маричиќ информира дека наскоро ќе отпатува за Брисел за да дознае до каде е процесот на усвојувањето, а сега биле во фаза на разгледување.

„Ќе се разгледаат патоказите и тогаш кога ќе се создадат услови ќе бидат усвоени. Примивме во меѓувреме неколку рунди, циклуси на забелешки, коишто ги вградивме во текстот на патоказите“, додаде Бојан Маричиќ – прв вицепремиер.

Првиот вицепремиер не откри кои се забелешките на текстовите што ги предложи Скопје. Патоказите предвидуваат кога која реформа би била имплементирана за време на преговорите за членство. Најголемиот дел од реформите предвидуваат поддршка со двотретинско мнозинство во Собранието. На пример, предвидени се измени на законите за Судски совет и Совет на јавни обвинители до 2026 година, кои се однесуваат на критериумите за избор на членови во овие тела. До 2026 година земјава се обврзува да го измени и Законот за јавно обвинителство за да се зајакне прераспределбата на предмети, но и да усвои нов Кривичен законик до 2025-тта.

 

АКТУЕЛНО