Марк Руте е новиот генерален секретар на НАТО

НАТО официјално го именува холандскиот премиер во заминување Марк Руте за нов шеф на Алијансата откако амбасадорите од сите 32 земји-членки го одобрија неговото назначување.

„Северноатлантскиот совет одлучи да го назначи Холанѓанецот Марк Руте за иден генерален секретар на НАТО, кој ќе го наследи Јенс Столтенберг“, се вели во соопштението на НАТО.

Долгогодишниот холандски премиер ќе ја преземе функцијата на 1 октомври годинава, кога му истекува мандатот на Норвежанецот Јенс Столтенберг.

Со ваквата одлука на Северноатлантскиот совет, прашањето за именување на нов генерален секретар беше тргнато од дневниот ред на претстојниот самит на НАТО, што ќе се одржи кон средината на следниот месец во Вашингтон.

Генералниот секретар на НАТО се избира со консензус на сите членки. Традиционалното место генерален секретар му припаѓа на некој од европските членки на Алијансата, додека командантот на воениот штаб е Американец.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави