Search
Search

Мазнева за Арсовска од борец со мафијашки структури за три месеци стана неработник

Градоначалничката Данела Арсовска по вторпат организира брифинг со новинарите, но праќа покана само до медиуми кои и одговараат и ќе ги пренесат нејзините ставови, а секојдневно на официјалниот меил на Градска.мк стигнуваат промотивни соопштенија за асфалтираните улички во ќошињата на Скопје.

Пред извесен период кога за свој портпарол ја вработи Кристина Депо, брифингот се одржа во луксузниот ресторан „Воденица“ но и тогаш беа изоставени многу медиуми од листата на поканети.

Јас како градоначалник кажав дека ниту една позиција не е загарантирана доколку не се реализира тоа што е програмска определба на Градот и тоа го правиме во моментов, рекла градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за разрешувањето на Косана Мазнева-Николиќ од директорската функција во ЈП „Комунална хигиена-Скопје“, пренесува „Локално“

Арсовска посочи дека во моментов даваат шанса на друг, кој што веруваат дека во наредниот шестмесечен период, ќе има шанса да ги реализира проектите.

Разрешувањето на Мазнева-Николиќ следува три месеци по протестот на дел од вработените во „Комунална хигиена“. Таа беше назнечена од Арсовска за прв човек на „Комунална хигиена“ јули лани, откако беше разрешен дотогашниот директор Енуз Кока од Алијанса за Албанците.

Арсовска тогаш на прес-конференција по протестите во „Комунална хигиена“ ја фалеше Мазнева-Николиќ дека се справувала со мафијашки структури во претпријатието и буквално се расправаше со новинарите зошто во написите не ја поддржувале Мазнева.

-Нема да дозволам една жена, која се нафати да се справува со 1.400 вработени, а која била во заложништво на стотина ликови, семејно поврзани, од кои оние што ги водат се мафијаши, да ја направат виновна за било што. Треба да го поздравите тоа што некој се справува со овие мафијаши после повеќе од 30 години. Оти немало маж доволно силен да се справи со сите нив. Нема повеќе мафијаши да нè уценуваат“, рече Арсовска на 10 јули годинава.

Мазнева-Николиќ пак рече дека не добила објаснување зошто е разрешена.

Нов директор на „Комуналец“ ќе биде Гоце Трајковски.

Соња Танеска

АКТУЕЛНО