Менито на Олимпијадата во знакот на еколошката одржливост и намалувањето на отпадот

На Олимписките игри во Париз, коишто ќе се одржат од 26 јули до 11 август, ќе учествуваат повеќе од 15.000 спортисти од 206 земји. Тоа, земајќи ги предвид и целокупните национални тимови, е огромен готвачки предизвик, а организаторите најавија дека 80 отсто од сите јадења ќе бидат направени од намирници и состојки што виреат токму на тоа подрачје.

Покрај тоа, нешто повеќе од 60 отсто од храната ќе биде без месо, а 33 отсто се предвидува да биде целосно растителна.

Спортистите ќе јадат од чинии и садови што се мијат, наместо од оние за еднократна употреба, бидејќи Париз овојпат се сосредоточува на одржливоста и намалувањето на штетите по животната средина. Се планира и користење на обновливи извори на енергија и намалување на употребата на пластика. Освен тоа, за оваа Олимпијада, наместо да се градат нови стадиони, ќе се користи постоечка инфраструктура и времени објекти.

Според наводите, на спортистите ќе им бидат обезбедени балансирани оброци со потребните хранливи материи за оптимални перформанси. Ова вклучува поразновидна храна, протеини, јаглени хидрати и здрави масти. Патем, секоја земја има и свои специфични планови за исхрана за своите спортисти и тимови.

Тоа значи трошење, на пр., на околу три милиони банани и 27 тони кафе.

Пржени компири нема да се служат „поради можна опасност од пожар при користење фритеза“ во простор со голем број луѓе. А пак, авокадото е забрането од еколошки причини…

Најврвните готвачи на Олимписките игри ќе треба да подготвуваат околу 40.000 оброци секој ден, не сметајќи го појадокот, којшто секогаш е на „шведска маса“. Менито на Олимпијадата – во однос на специјалитетите, сепак, ќе биде од повеќе поднебја. Покрај француската кујна, спортистите ќе можат да бираат и меѓу азиска, африканско-карипска и интернационална кујна, пишуваат тамошните медиуми.

Менито го составуваат готвачите Шарл Гилој, Стефан Шишери, Акраме Беналал, Амандин Шено и Александре Мација. Француската кујна ќе биде претставена со вегетаријански гулаш „бургуњон“ и „брандад“ – потпечен солен „бакалар“ во пире од компири. Азија ќе биде претставена со мелено свинско месо со босилек и „басмати“ ориз, како и јадење со карфиол и печен компир со куркума. За африканско-карипското подрачје, позајмени се тн. „мешано-пропржена порција“ – јадење со пиперки, кромид и домати и пржени ракчиња со ароматичен сос од „шермула“. Mеѓу јадењата од интернационалната кујна, изборот е јагнешко во сос од нане и вегетаријанска мусака.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави