Министерството за култура два и пол месеци чека потпис од Арсовска за Универзална сала

Одговарајќи на новинарско прашање, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека тие неколкупати со ургенции се обратиле до Советот на Град Скопје, неговиот претседател Трајко Славески, до градската администрација и до самата градоначалничка Данела Арсовска за да се забрза целата постапка за пренесување на надлежностите и доизграба на У/ниверзалната сала, бидејќи понатаму следуваат уште неколку чекори кои треба да ги направи Министерството за култура за правото на реконструкција на објектот да биде пренесено на него, но досега не ги добиле соодветните документи.

„Универзална сала сè уште е на Град Скопје затоа што по изгласувањето на одлуката на Советот на Град Скопје, пред околу два и пол месеци, таа сè уште не е формално потпишана од градоначалничката Данела Арсовска. Тоа значи дека Универзална сала е сè уште под надлежност на Град Скопје“, изјави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по средбата со Здружението и културно-уметничко друштво во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров, на која присуствуваа и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Завршувањето на оваа процедура, како што појасни министерката, е неопходна бидејќи понатаму следуваат уште неколку чекори кои треба да ги направи Министерството за култура за правото на реконструкција на објектот да биде пренесено на него.

И покрај ваквите интервенции, одговор од Градот сè уште нема.

„Тоа сè уште не е направено и покрај тоа што пред две недели на техничко ниво се одржа состанок од претставници од Министерството за култура и од Град Скопје каде што беше понуден вид на договор којшто не е соодветен со Одлуката којашто ја донесе Советот на Град Скопје. Токму поради тоа ние нивниот договор го коригиравме во насока на почитување на Одлуката којашто ја донесоа советниците за да може да се пренесе правото на реконструкција на Министерството за култура до завршување на таа реконструкција и потоа Универзална сала повторно да биде вратена на Град Скопје. Но, сè уште немаме никаков одговор и покрај тоа што редовно целата таа документација беше испратена и до Град Скопје и до советниците и претседателот (на Советот), бидејќи ова е еден процес во кој мораме сите заедно да учествуваме бидејќи Универзална сала и нејзиното нефункционирање веќе навистина многу долго време се чувствува по националните установи и по самиот развој на културната сцена“, рече министерката за култура.

За потсетување на 20 јули годинава, со 26 гласа „за“, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура.

Иницијативата за времено предавање на ингеренциите на Министерството за култура е доставена до градоначалничката Данела Арсовска, која Советот ја задолжи заедно со службите во рок од седум дена да изготви и предлог-одлука за префрлање на ингеренциите за обновата на салата. Во заклучокот од Советот се наведува и дека се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура.

Прашана дали е точно дека доколку не почне реконструкцијата на Универзална сала постои ризик Скопје да ја загуби титулата Европска престолнина на културата за 2028 година, Костадиновска Стојчевска рече дека едното со другото не е поврзано.

„Точно е дека носител е Универзална сала, како национална установа, меѓутоа процесот на којшто се заснова ‘Европска престолнина на културата’ не е поврзан со реконструкцијата на Универзална сала. Напротив, тој е поврзан со тоа како ќе работи сега тоа административно тело коешто треба да се формира, односно носителот на проектот што е определен од Град Скопје да ги започне админситративните доекипирања на креативниот тим којшто ќе треба да ја спроведе оваа апликација до крај“, изјави министерката.

Таа истакна дека и во овој контекст потпишале меморандум за соработка со Град Скопје, со кој Министерството ги понудило сите свои ресурси, просторни и финансиски за да помогнат на Градот во реализацијата на Европска престолнина на културата за 2028 година“.

„Што значи дека понудивме креативниот тим да работи во простор којшто ние ќе го обезбедиме во една наша национална установа. Обезбедивме средства за финансиски да го помогнеме тимот, бидејќи сметам дека тука треба да седна на маса сите заедно и тимот којшто беше заедно со мене и со градоначалничката во Брисел, тимот којшто помогна во 2018 година да се поднесе апликацијата, треба да има минимум двајца надворешни експерти кои треба да се изберат на јавен оглас. Сето тоа е главна задача на носителот на проектот, односно Град Скопје и градската администрација“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Одлуката дека Скопје е избран за „Европска престолнина на културата за 2028 година“ беше соопштена на 20 септември, а како што кажа денеска министерката за култура првата контрола од Европската комисија доаѓа за шест месеци откако градот ја доби титулата, за да види што е сработено.

„Во зависност од тоа колку ние ќе сработиме ќе зависи дали титулата ќе си ја оправдаме или не“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави