Search
Search

Младите скопјани бараат велопатеки и редовни автобуски линии

Здружението „Гоу грин“ – Скопје ги собра и ги достави првите младински барања со фокус на одржливиот транспорт за оваа година. Опфатени се четири општини: Гостивар, Куманово, Прилеп и Градот Скопје.

– Од собраните младински барања, се избираат пет барања по општина. Секое барање што е доставено, никако не е за потценување и, да бидеме искрени, малку ни е тешко кога треба да се издвојат најдобрите пет. Првата селекција е преку избирање на оние што содржат прецизни активности на точно определени локации. Бидејќи барањата треба успешно да бидат имплементирани, гледаме да се изберат најкорисните и најреални, кои понатаму ќе придонесат за поодржлива општина. Барањата се селектираат според надлежностите што ги имаат општините, заедно со младинските претставници или младинските службеници, за да може да биде што пореално реализирано наредната година – велат од „Гоу грин“.

Анкетираните млади во Скопје бараат подобри велопатеки и редовни автобуси (особено оние кон Аеродром, Железара и Сопиште), а бараат и семафор на раскрсницата кај ОУ „Кирил Пејчиновиќ“. Бараат и да се воведе втора смена на билетарницата кај ТЦ „Бисер“ или, пак, да има машини за купување карти за автобуси. Исто така, се за велосипедска патека на булеварите АСНОМ, „Србија“, „Февруарски поход“, „Босна и Херцеговина“, „Македонско-косовска бригада“ и на улицата „Лазар Трповски“.

Во Гостивар, младите бараат субвенционирање на додатоци за велосипеди (корпа, ѕвонче, торба, кацига), како и еднаш годишно ден без автомобили. Има барања и за велопатека на улицата „Живко Брајковски“, подобра патна инфраструктура во селото Речан и чешмички на кејот на Вардар.

Кумановските млади, исто така, бараат ден без автомобили и субвенционирани ваучери за поправка на велосипедите кај локалните мајстори за тоа и квалитетни велопаркинзи во градинките, основните и средните училишта.

А, местата за паркирање велосипеди да бидат во ротирачки уметнички изложби, со скулптури или инсталации што периодично се менуваат за да ги задржат визуелно интересни за велосипедистите. Исто така, бараат и густ дрворед на улицата „Доне Божинов“.

Младите во Прилеп, исто како и врсниците од Куманово, бараат субвенционирани ваучери за поправка на велосипеди и ден без автомобили, како и велопатека на улицата „Прилепски бранители“, пешачка патека на кејот „1 Мај“ и повеќе клупи во дворовите во основните и во средните училишта.

– Вклученоста на младите во зелените политики не е само симболичен гест тоа е и стратешки приоритет за градење одржлива иднина. Со иновациите и младинската перспектива на младите, ние го отклучуваме потенцијалот за трансформативни промени. Зајакнувањето на помладата генерација да го води патот во застапувањето за животната средина е инвестиција во свет каде што еколошката одржливост не е само цел туку е и заедничка одговорност што ја прифаќаат сите – велат од „Гоу грин“.

АКТУЕЛНО