МЗ: Потпорниот ѕид што се урна кај Детска клиника треба да го санира Данела Арсовска

Општина Центар остро ги демантира наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички Центар и улица Белградска се во надлежност на општината. Претходно Град Скопје „топката“ за урнатиот ѕид ја префрли на Министерството за здравство, а улицата дека е под надлежност на Општина Центар.

„За тоа постојат законски акти и одлуки. Со одлука на Совет и Договорот, склучен меѓу Град Скопје и Општина Центар, на 5.8.2019 година, градските власти ја преземаат обврската за проектирање, изградба, користење, заштита и одржување на следниве улици на подрачејто на Општина Центар:  Белградска, Востаничка, Св. Кирил и Методиј, Димитрие Чуповски, Лазар Личеновски, Македонија, Митрополит Теодосиј Гологанов, кеј Димитар Влахов, Пролет, Васил Ѓоргов и Самоилова“, информираат од Општина Центар.

Оттаму велат дека во договорот децидно стои:,,Општина Центар се обврзува да не презема активности кои би ги попречиле или нарушиле проектирањето, изградбата, користењето, заштитата и одржувањето на наведените сообраќајници во Општината“.

– Овој проблем се провлекува со години и постојано одговорот е ист, безбедноста и функционалноста на Белградска не е наша надлежност. ЦУК и пред две години алармираше за состојбата со потпорниот ѕид кај Универзитетската клиника за детски болести и безбедноста на улицата Белградска. На нивна иницијатива, Министерството за здравство посочи дека за санацијата е потребна координирана активност на јавните претпријатија на Град Скопје. И тогаш, Општина Центар, на 30.12.2022, децидно одговори дека безбедноста и одржувањето на Белградска согласно Договорот од 05.08.2019, е обврска на Град Скопје. Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше – дециден е градоначалникот Герасимовски.

Согласно договорот за меѓуопштинска соработка меѓу Градот и Општината, сите обврски за одржување на функционалноста на улица Белградска, што подразбира и градежни активности ако е потребно, е одговорност и обврска на Град Скопје, а Општина Центар не смее да презема активности во тој домен.

Од Општината го доставија на увид Договорот склучен помеѓу Град Скопје и Општина Центар, Одлуката на Советот и другата документација на увид.

Принтскрин од договорот потпишан на 5.8.2019 година од страна на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ

По уривањето на потпорниот ѕид, Град Скопје и градоначалничката Данела Аросовска како и вообичаено се оградија од одговорноста и ги демантираат информациите објавени во медиумите.

Од Министерството за здравство велат дека во случајот со паднатиот потпорен ѕид позади Клиниката за детски болести истиот е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на тоа земјиште.

-Секој од објектите во Клиничкиот центар има право на користење на објектите, но нема доделено право на трајно користење на земјиштето околу клиниките. Во интерес на граѓаните, потребно е да се изнајде итно решение во заеднички напори со надлежните институции Градот Скопје и Општина Центар кои треба да бидат иницијатори за решавање на проблемот, поради тоа што се работи за улица, а надлежните инспекциски служби да дадат мислење за моменталната безбедност, се вели во соопштението.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов вчера соопшти дека стигнала пријава дека е срушен дел од потпорниот ѕид на Детската клиника во Клинички центар.

– Неколку граѓани пријавија дека потпорниот ѕид над Клиниката за Детски болести е во лоша состојба. Од наша страна беа известени сите надлежни институции, за преземање на потребните мерки. После една и пол година не е преземено ништо и утрово добивме пријава дека дел од овој ѕид е паднат, а прашање е кога ќе се сруши и останатиот дел од ѕидот. Затоа апелираме до сите да се зафатат со решавање на оваа опасност за граѓаните. Може да дојде и до рушење на дел од улицата, по што е можна поголема трагедија, вели Ангелов.

Тој тврди дека до ваквата состојба дошло поради подземните води.

Од ЦУК посочија дека повеќепати е интервенирано и испратени се дописи до надлежните и додаваат дека е потребна итна координација за надминување на опасноста.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави