Search
Search

На земјоделството му требаат дигитални инженери за пониски трошоци и поголеми приноси на храна

Нова интердисциплинарна студиска програма по дигитално земјоделство, со предмети од земјоделскиот и прехранбениот сектор и од техничките науки се воведува на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Иницијативата е на бизнисот, а кадрите кои ќе произлезат – дигитални земјоделски инженери, треба да овозможат намалени трошоци и поголеми приноси на храна, а особено да ја помогнат дигитализацијата кај малите производители.

На конференција што се одржува денеска во Скопје со учество на претставници на образовни институции, на бизнис секторот и на експерти од државава,  Хрватска и Словенија, се дебатира за тоа како да се прилагоди студиската програма и да се одговори на барањата на реалниот сектор. Од бизнисот потенцираа дека дигиталните земјоделски инженери се значајно потребен кадар во производството на квалитетна и ценовно конкурентна храна. Беа изнесени и примери како со употреба на дигитализација и експертиза во областа на информатичките технологии ќе се обезбеди поголема економичност, зголемени приноси и производството на квалитетна и безбедна храна.

Деканот на ФЗНХ, проф. д-р Миле Маркоски, очекува голем интерес од средношколците за студирање на новата студска програма. Со неа, како што вели, Факултетот одговора на барањата на бизнис заедницата да се подготви кадар кој ќе се соочи со предизвиците на новото време од дигитализација на образовниот процес и на сите процеси во примарното и секундарното земјоделско производство.

Целта, истакнува, е да оформиме современи земјоделски инженери кои ќе се соочат со практичните решенија кои ги носат современите дигитални текови.

-Факултетот за земјоделски науки и храна  при УКИМ секогаш бил предвесник на нови иницијативи и нови бранови во високото образование,  па така и сега, заедно со уште три факултети од единиците на УКИМ, формираат нова насока дигитално земјоделство,  што се надевам ќе побуди голем интерес кај идните средношколци и матуранти да се запишат. Насоката е компилација  од предмети значајни за земјоделскиот и прехранбениот сектор, како и за техничките науки, а заедно прават нова студиска програма на нов современ инженер кој ќе се соочи со новото време, дигитализацијата на образовниот процес и на процесот на производство во земјоделско-прехранбениот простор, изјави деканот Маркоски.

Зденко Лончариќ од Факултет за земјоделско-биотехнички науки „Јосип Јурај Штросмајер“, Универзитет Осијек, оцени дека состојбата со дигитализацијата во земјоделството во Хрватска е речиси иста како кај нас и оти нема отпор за прифаќање на дигитализацијата и од помладите и од постарите генерации.

-Во некои работи сме чекор напред, во некои заостануваме, но имаме исти проблеми и иста цел  – да  го оптимизираме производството преку дигитализацијата, која е насекаде околу нас. Заеднички детектираме дека најголем проблем и предизвик ќе биде да се оспособат агрономите да бидат доволно способни и компетентни да се преброди проблемот со пренесувањето на дигитализацијата на малите земјоделски производители и истовремено да бидеме во чекор со големите технологии. Големите производители ќе се снајдат. Сакаме агрономите и во Македонија и во Хрватска да бидат способни да го водат процесот на дигитализација, изјави проф. д-р Лончариќ.

Тој на конференцијата појасни како да се одговори на предизвиците и полесно да се применат решенијата кои се покажале како успешни во Хрватска.

– Стратегијата за земјоделство на Република Хрватска и вклучувањето во дигитализацијата на ниво на ЕУ, се добра основа за дигитализација на земјоделството во Хрватска. Од друга страна, сопственичката структура со мал дел на фарми кои имаа поголеми површини, повеќе од 100 хектари (само 30 проценти од површината) и голем број на стопанства со површини помали од 20 хектари (94 проценти од земјоделците), се голем предизвик за дигитализација на земјоделството и руралните средини во Хрватска. Затоа веруваме дека ќе бидат неопходни образовани и обучени агрономи, кои всушност се одлучувачкиот фактор за успех на дигитализација на земјоделството и истовремено на руралните средини, реле проф. д-р Лончариќ.

Според проректорот за финансии на УКИМ проф. Лазар Пендовски, со формирањето на новата студиска програма Универзитетот ги воведува новите концепти во земјоделството, кое учествува со 9-10 проценти во БДП, и ќе има огромно значење за државата.

-Универзитетот секојпат ги следи новите концепти и дава силна поддршка особено на мултидисциплинарниот пристап за создавање на ваква концепциска студиска програма во која што се вметнати традиционалното земјоделие коешто ќе се изучува на Факултетот за земјоделски науки и храна, како носител на студиската програма. Ќе и се додаде би кажал една машинска прецизност со помош на нови дигитални технологии и иновации –  паметни алатки, за да може да се произведува храна на поекономичен начин, во којшто ќе се искористат сите можни ресурси, за да може да се зачува и зелената економија и средината во која што живееме, изјави проф. Пендовски.

Професор д-р Розалија Цвејиќ од Биотехничкиот факултет во Љубљана, посочи дека македонските институции се на почеток на процесот и истакна дека со отворање на оваа студиска програма, значајно би се унапредил земјоделско-прехранбен сектор во земјата.

Новата студиската програма за Дигитално земјоделство на ФЗНХ е развиена со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), спроведена од групацијата Паладиум, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Постојаната работна група за регионален рурален развој (ПРГ РРР). За успешно реализирање на студиската програма клучна е новотворената Лабораторија за дигитално земјоделство, која ќе се користи при наставата, за потребите на истражувачката дејност, како и во функција на соработката со бизнис секторот и институциите.

И Горан Дамовски, тим лидер од Програмата ИМЕ, порача дека дигитализацијата е неопходен процес за осовременување и зголемена конкурентност на агробизнисите.

-Новата студиска програма за дигитално земјоделство ќе обезбеди интензивно запознавање на земјоделските инженери со информатичката технологија и користење на дигитални решенија и алатки кои се применуваат за прецизно и напредно земјоделство, базирано на податоци и знаење. Програмата е развиена со швајцарска поддршка, користејќи европски и регионални примери, во целосна соработка и согласно потребите на агробизнис секторот. Стручните кадри кои ќе произлезат од неа ќе имаат клучна улога во модернизација и развој на земјоделскиот сектор во државата, изјави Дамовски.

АКТУЕЛНО