Екстремно високи температури биле регистрирани вчера во повеќе делови на Грција, а на островите Крит и Родос, на Пелопонез и во областа Атика, поширокиот регион на Атина термометарот покажал меѓу 43,3 и 44,5 степени Целзиусови, според податоците на Националната опсерваторија и порталот Метео, јави дописничката на МИА од Атина.
Највисоката максимална температура (44,5) била регистрирана во близина на Ханија на островот Крит, а просечната максимална температура во Грција била 36,3 степени.
Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, 55 од 74 активни станици регистрирале температури над 40 степени.
Од вторникот Грција ја зафати топлотен бран со екстремно високи температури што кулминираше вчера, а надлежните министерства излегоа со мерки и препораки за граѓаните, дел од училиштата и градинките во земјата во средата и четвртокот беа затворени, а истите денови Акропол во периодот од 12 до 17 часот беше затворен за посетители.