Наместо 45 минути со траект, седум минути со воз: Се гради најдолгиот подводен тунел во светот

Цената на проектот кој треба да ги поврзе Германија и Данска е околу осум милијарди долари, а покрај железничкото поврзување, тунелот ќе има и автопат со четири ленти. Тоа нема да биде само најдолгиот подводен тунел, туку и најдолгиот тунел за шински возила во светот.

Кралот Фредерик Десетти го посети градилиштето по повод поставувањето на првиот бетонски сегмент во должина од 217 метри, а до крајот на проектот ќе има вкупно 79, јавува РТС.

Вкупната должина на тунелот ќе биде 18 километри, а се работи за таканаречен „потопен“ тип на тунел. Ќе биде поставен на дното на Балтичкото Море во ров широк 40 до 50 метри и длабочина од 12 до 15 метри.

Тунелот е клучна компонента на скандинавско-медитеранскиот коридор, транспортна мрежа која се протега на речиси 5.000 километри од Средоземното Море до Финска. Коридорот го преминува океанот и минува низ Алпите, но кога ќе стигне до Скандинавија, теснецот Фемарн ги принудува патниците да заобиколат 450 километри.

Планираната железничка врска со вагони ќе го скрати патувањето од Хамбург до Копенхаген од пет на помалку од три часа, а она што трае 45 минути со траект ќе биде направено за десет со автомобил и седум со воз.

Сообраќајот во подводниот тунел ќе се одвива преку посебни тунелски цевки, по една за секој правец. Ќе има и лента за итни случаи, а тунелот постојано ќе го надгледуваат камери од контролен центар во Копенхаген.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави