Наташа Поповиќ, директорка на „Охридско лето“: Секогаш треба да се создава плодна почва за да може да живее уметноста

Родена е во Битола, израсната во Охрид, Наташа Поповиќ го стекнала своето образование во Скопје и во Соединетите Американски Држави. Таа студирала на престижниот универзитет „Валпарезо“ во Чикаго, на отсекот за пијано. Поповиќ е голем професионалец и жена, која успешно балансира меѓу семејството и кариерата. Оваа кратка биографија ја опишува актуелната директорка на НУ „Охридско лето“, која е и професор по пијано во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во нејзината биографија се истакнува и фактот дека во 1991 година била меѓу десеттемина најдобри студенти во Америка, освојувајќи ја претседателската награда за исклучителни достигнувања, која ѝ ја врачил тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш Постариот. Во 2021 година, Поповиќ стана почесен делегат на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА) што се одржа во Гелвеј, Ирска. Во конкуренција од 170 делегати од европските фестивали-членки на Асоцијацијата само 5 се здобија со оваа почесна функција, а фестивалот „Охридско лето“ стана една од најуспешните приказни, кој ги негува културните високи уметнички дострели според европските и светските стандарди.

ФОКУС: На што сте фокусирани изминатиот период, како течеа последните подготовки непосредно пред почетокот на фестивалот „Охридско лето“, колкави ангажман и енергија се потребни за да се организираат настапите во Охрид?

ПОПОВИЌ: Изминатиот период бев максимално фокусирана на подготовките за 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“. За да се донесат најдобрите уметници на фестивалот, секако дека треба да им се обезбедат најдобрите услови. Затоа, јас и мојот тим, неуморно работевме подготвувајќи се за ова фестивалско издание. Тоа подразбира сценско-техничко уредување на сцените, кои летово ќе бидат центар на вниманието во Охрид, преговарања и договарања со уметниците, исто така, остварив контакт и со повеќе амбасади во земјава, кои веќе неколку години го поддржуваат фестивалот. Чести беа и состаноците со нашите спонзори, помагатели и поддржувачи на фестивалот, сѐ со цел, уметниците што ќе настапат да имаат незаборавен престој во Охрид, а ние да бидеме домаќини на уште едно успешно фестивалско издание.

ФОКУС: За оваа година, најавен е светскиот виртуоз на виолина Џулијан Рахлин, кој ќе го отвори 64-то „Охридско лето“, може ли публиката да очекува и други изненадувања, кои се луѓето одговорни оваа година за Програмата и кои се параметрите што си ги поставивте при составувањето на програмата?

ПОПОВИЌ: Шеесет и четвртото издание на „Охридско лето“ ќе го отвори еден од најпознатите виолинисти на денешницата, Џулијан Рахлин. Тој ќе настапи и како виртуоз на виолина и како диригент, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија. Музичката и драмската програма, и годинава беа во рацете на маестра Бисера Чадловска и актерката Сања Арсовска, како музички, односно драмски селектори. Тие вложија многу труд и професионалност за да понудиме квалитетни настани за љубителите на класичната музика и театарската уметност. Што се однесува до параметрите при составувањето на програмата, тие секоја година се исти – да се донесат најдобрите уметници, кои ќе понудат најдобар репертоар за публиката.

ФОКУС: Во период од еден месец ќе се случуваат концерти, театарски претстави и други придружни содржини. Кои се адутите на фестивалот за публиката и од другите градови во земјата да сака да дојде во Охрид?

ПОПОВИЌ: Фестивалот „Охридско лето“ почнува на 12 јули и трае до 20 август. Значи повеќе од еден месец на нашите сцени ќе ја славиме уметноста. „Охридско лето“, освен што ја негува културата, ја збогатува и туристичката понуда. За нашите настани, специјално доаѓаат луѓе, не само од нашата земја, туку и од поширокиот регион. Фестивалот е втемелен во Европската мапа на фестивали токму со ваквиот концепт, и тука нема што да се менува. Во тој поглед ја негуваме фестивалската традиција, но внесуваме и новини таму каде што сметаме дека нема да скршнеме од фестивалската рамка. Ќе додадам само еден пример, проектот „Концерти преку целата година“. Така, веќе неколку години, ѝ нудиме на публиката незаборавни концерти на класична музика, не само во лето додека трае фестивалот, туку и во останатите месеци од годината. Што се однесува, пак, до публиката од останатите градови во државава, таа ужива во настапите на домашните, но и на уметниците од сите светски меридијани. Но, ние овде имаме светски познати уметници и тие се задолжителни на нашиот репертоар зашто, пред сѐ, се наша, а потоа и светска гордост.

ФОКУС: Фестивалот со децении е македонска културна афирмација во светот. Дали годинава Фестивалот ја искористи можноста за промоција и афирмација на нашите уметници во светот?

ПОПОВИЌ: Како што кажав претходно, ние водиме сметка, и македонските уметници да бидат дел од „Охридско лето“. Добар дел од публиката доаѓа од странство, па така, има можност да ужива во нашите виртуози, во музиката на прочуените македонски композитори, но и во врвните изведби на македонските професионални театарски ансамбли.

ФОКУС: Иако ве познаваме како професорка по пијано во средното музичкото училиште „Илија Николовски Луј“, вашето име во последните шест години е тесно поврзано со „Охридско лето“, што му недостига на фестивалот, но и на градот Охрид, а во функција на понатамошниот раст и развој на фестивалското реноме?

ПОПОВИЌ: Последните шест години сум директорка на фестивалот „Охридско лето“, што за мене е огромна чест и задоволство зашто „Охридско лето“ е еден од најпознатите македонски брендови. Пред да дојдам на оваа функција, 22 години работев како професор по пијано во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“. Секогаш велам, на фестивалот и градот им е неопходна концертна сала каде што ќе можат да се одржуваат бројни концерти, не само во наша организација. Таа акустична сала ќе му служи на градот и ќе може да се користи преку целата година.

ФОКУС: Ја добивте титулата жена-менаџер во областа на културата за 2023 година. Што значи за Вас едно вакво признание, кое се доделува на успешни жени во својата професија и што, според Вас, e синоним за успешна жена?

ПОПОВИЌ: Оваа титула за мене е од огромно значење. Тоа е, всушност, признание за моето несебично залагање, преку фестивалот да дадам придонес во развојот и промоцијата на културата. Како директор, а, пред сѐ, како уметник и професор по пијано, многу добро знам дека секогаш треба да се создава плодна почва за да живее уметноста. Затоа го дадов максимумот од себе, за фестивалот високо да котира во Европската асоцијација на фестивали. А околу тоа, што е синоним за успешна жена, можеби звучи клише, но сметам дека успешна жена е онаа која умее да направи баланс меѓу работата и семејството и секаде да стигне да ги заврши своите обврски, и дома, и на работното место.

ФОКУС: Каква жена е Наташа Поповиќ приватно? Истовремено сте и сопруга и мајка. Како успевате да балансирате меѓу сите овие обврски. Што е она што Ве релаксира, Ви ги полни батериите и Ви дава сила да го почнете денот и успешно да го завршите.

ПОПОВИЌ: Наташа Поповиќ, пред сѐ, е уметник, што за сите нас уметниците значи широко гледање на сите предизвици во животот и одговорно тврдам дека така и го живееме животот – уметнички. Во превод, разновиден, шаренолик и полн со подеми и падови, кои нѐ прават успешни. Тоа што сум сопруга и мајка, ме прави уште посилна, буквално во сѐ, бидејќи мојот најголем ветер во грб и поддршка ја добивам токму од мојот сопруг и од моите две прекрасни ќерки Барбара и Патриција. Како успевам да балансирам? Би рекла дека сѐ што се сака, се може, но само со добар план и организација, и никако поинаку. Најмногу ме релаксира времето поминато со семејството. Јас сум човек кој отсекогаш патува многу и открива многу дестинации, така што, најдобро се релаксирам на некоја плажа, повторно со моите најмили. А денот, како и сите други, го почнувам со турско кафе и прошетка со нашето куче Динго.

Извор: Фокус

АКТУЕЛНО

Поврзани објави