Search
Search

Натпреварувачите во Црна Гора не се откажуваат: Седум упорни лежат 19 дена во трка за 1.000 евра

Во Црна Гора и годинава е организиран натпревар во лежење. На рекордниот 19-ти ден се натпреваруваат седум лица. Првиот ден ги имаше 21. Претходните години натпреварувањето најчесто завршуваше четвртиот или петтиот ден, а сега веќе трае 19 дена.

„Цел живот слушаме шеги и приказни, па дојдовме до оваа интересна и смешна идеја да направиме натпревар. Видете што се случи, тоа веќе не е регионално туку меѓународно. Имавме луѓе од Украина, Русија“, изјави за N1 Борис Круниќ, еден од организаторите.

Годинава ја зголемија наградата, па сега победникот добива 1.000 евра.

Не знам дали тоа е причината зошто лежат во толкав број, но тие се упорни“, изјави Круниќ.

Натпреварувачите можат да стануваат на секои осум часа по 10 минути за да одат во тоалет и да имаат редовни оброци. Дозволени им се мобилни телефони, книги, лаптопи. Накратко, се што можат да направат лежејќи е дозволено.

Минатогодишниот рекорд беше соборен минатава недела. Ниту дождот, ни заладувањето, а претходно ни екстремно високите температури не го нарушија натпреварувачкиот дух на учесниците во натпреварот во лежење што се одржува во црногорското етносело Брезна, коешто се наоѓа меѓу Никшиќ и Плужине.

Во игра за победа е и победничката од 2021 година – Дубравка Алексиќ од Подгорица. Таа беше сопственичка на последниот рекорд од 117 часа лежење.

– Никој од нас не е уморен, сите се оптимисти како да ни е прв ден. Сите се надеваме на победа, а никој не е загрижен, сите сме здрави и добри, вели Црногорката за агенција Анадолија.

Прашана уште колку мисли дека ќе издржи во лежечка положба, Дубравка вели дека сака да оди до крај. Победа очекува и Јован од Крушевац, јужна Србија.

– На почетокот размислувате за наградата, но по пет-шест дена парите веќе не се важни. Ова е повеќе психолошка војна, но пред сѐ со себе, а потоа со другите, изјави Јован.

Овој натпревар којшто ја прави Црна Гора единствена земја во Европа, е посебно интересен поради прифатениот стереотип за Црногорците – дека се наводно мрзлив народ. Правилата се едноставни – на учесниците им е забрането да стануваат, но дозволено е спиење, читање книги, јадење и пиење. На секои осум часа, дозволено е да се оди в тоалет.  

Четвртиот или петтиот ден телефонот станува досаден, повеќе време поминуваме разговарајќи еден со друг отколку на телефон“, вели друга натпреварувачка.

Трета натпреварувачка чекала три години за да се пријави и вели дека планира да се откаже кога ќе и здодее, но сè уште ништо.

„Не сум тука за тоа, туку за да се победам себеси. Ова е психолошка игра, не е само за наградата“, вели таа, додавајќи дека парите не се нејзиниот главен мотив.

„Да бидам искрен, не. Дојде моето семејство и ме молеше да станам и да ми даде илјада евра, но не. Сакам да победам, одам до крај, затоа и дојдов. Веќе се победив себеси затоа што мислев дека нема да издржам 18 дена, па затоа воопшто не се откажувам“, изјави таа.

АКТУЕЛНО