Фото: Pexels / Murat Şahin

Научници открија како биле изградени пирамидите во Гиза

Според истражувањата се верува дека новооткриениот речен крак, скриен под пустинските песоци и обработливите површини, бил користен за транспорт на масивни камени блокови и материјали до местата на кои се граделе пирамидите, пишува „Еуроњуз“.

Научниците велат дека можеби конечно ја откриле вековната мистерија за тоа како 31 пирамида, вклучувајќи ја и познатата Голема пирамида во Гиза (Кеопсова пирамида), биле изградени во Египет пред повеќе од 4.000 години.

Револуционерното откритие на истражувачите од Универзитетот во Северна Каролина Вилмингтон открива дека овие древни чуда најверојатно биле изградени покрај сега закопаниот крак на реката Нил, скриен под пустински песок и обработливи површини.

Со години, археолозите шпекулираа дека древните Египќани користеле воден пат за транспорт на масивни камени блокови и други материјали потребни за изградба на пирамидите. Сепак, точната локација и природата на овој воден пат останаа недофатливи досега.

Во студијата објавена во списанието „Нејчр“ (Nature) истражувачите пишуваат дека новооткриениот крак наречен „Ахрамат“, долг приближно 64 километри, „се користел како транспортен воден пат за работниците и градежните материјали до местата на пирамидите“.

Истражувачите користеле комбинација од радарски сателитски податоци, геофизички истражувања и јадро на почвата за да ја мапираат овј скриен крак.

Според студијата, „безбројните долински храмови во Египет сè уште не се пронајдени и, според тоа, сè уште може да бидат закопани под земјоделските полиња и пустинскиот песок покрај брегот на реката на гранката Ахрамат“.

Остануваат неизвесни причините поради кои овој крак на реката пресушил или исчезнал. Најверојатно, периодот на суша и опустинување предизвикал песокот да го зафати овој регионот.

 

Извор: Слободен Печат

АКТУЕЛНО

Поврзани објави