Search
Search

Најчестите измами од брзи кредити се од блиски луѓе и роднини, велат финансиските друштва

Расте побарувачката на брзи кредити. До средината на годинава, граѓаните и фирмите се задолжиле 140 милиони евра во финансиските друштва. Паралелно, расте и бројот на измами. Според МВР, лани биле евидентирани 43 случаи на злоупотреба на лични податоци/измами со брзи кредити. Поднесени се 16 кривични пријави и 24 писмени известувања. Во рамките на расветлените случаи пријавени се 24 сторители и поднесено е едно известување до оштетено лице за поднесување на приватна тужба против откриен сторител.

Годинава пак, бројката пораснала, па за само 7 месеци, во периодот јануари-јули 2023 година, пријавени се 65 случаи, за кои поднесени се девет кривични пријави и 30 писмени известувања, а кривично се пријавени 15 сторители, велат од МВР.

За поголема заштита на клиентите, финансиските друштва ќе соработуваат со повеќе институции. Предупредуваат дека најчестите измами се од блиски луѓе, пријатели, роднини, па дури и од кругот на фамилијата.

„Во следниот период, Групацијата ќе соработува со повеќе институции на оваа тема. И тоа: министерство за финансии, Агенција за заштита на лични податоци, МВР, Државен пазарен инспекторат и сите надлежни институции. Сметаме дека на овој начин, со овој акциски план ќе придонесеме за намалување или исчезнување на ваквите ситуации кај нас“ – Никола Јошевски, претседател на групација на финансиски друштва

Дел од граѓаните земаат брз кредит и за здравствени услуги.

„Луѓето користат средства од кај нас тогаш кога им се најбрзо потребни. 10 до 15% од средствата кои се подигаат најчесто се за лекување. Ако требаат итно средства и не можат во друга институција, тогаш доаѓаат кај нас“ – Никола Јошевски, претседател на групација на финансиски друштва

На адресата на народниот правобранител пристигнале над 30 претставки од измамени граѓани. Некои од нив, плашејќи се од тужби и извршители ги враќаат кредитите, иако парите ги земал друг, крадејќи им го името и матичниот број.

 

АКТУЕЛНО