Search
Search

Најголеми придобивки се енергетската независност и замена на увозот на струја – Македонија ќе добие четири енергетски стратешки инвестиции

Вкупната предвидена вредност на четирите стратешки инвестиции е 786 милиони евра. Вицепремиерот Фатмир Битиќи смета дека ним не им се даваат преголеми предности, бидејќи тие закони не ја дерогираат останатата регулатива во однос на даноците и другите трошоци

Утре пред пратениците ќе се најдат законите за четирите стратешки инвестиции, кои веќе ги испровоцираа експертите со својата содржина. Реакциите главно се однесуваат на преголемите предности што им се даваат на инвеститорите, иако според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, тие закони не ја дерогираат останатата регулатива во однос на обврските за даноци и други трошоци.

Во Собранието се предлог-законите за реализација на стратешките проекти: „Соларна електрична централа – Пехчево“, на стратешкиот инвеститор, ХЕК „Солар“ МК ДОО Негрево, Пехчево, вреден околу 51,9 милиони евра, стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, на „Остро солар“ ДООЕЛ Скопје за изградба на фотоволтаична централа од 400 мегавати, вредна 270 милиони евра, инвестицискиот проект „Митилинеос“ за когенеративна постројка Скопје и стратешкиот инвестициски проект АИМ „Греен ТЕЦХ“, на стратешкиот инвеститор, АИМ „Греен ТЕЦХ“ ДООЕЛ Скопје, со кој ќе се комбинираат соларна енергија, мотори на гас и можност за батерии за баланс во мрежата.

– На последниот јавен повик се пријавија 16 инвеститори, а беа избрани осум и со сите нив се преговараше. Одобрени се четири, сите од енергетскиот сектор. Петтиот со кој преговорите се во напредна фаза е од областа на туризмот за инвестиција на Попова Шапка. Со останатите три сè уште се преговара, но поради изборите нема да стигнеме до финалето – рече на брифинг со новинарите Битиќи.

Инаку, вкупната предвидена вредност на четирите стратешки инвестиции е 786 милиони евра. Само онаа за изградба на ветерниот парк „Стипион“ на локацијата на неизградениот карго аеродром во Штип, ќе обезбеди 10 отсто од потребите за струја на државата. Компанијата инвеститор АКУО се грижела да не нанесе штета на земјоделците и се откажала од 160 хектари земјиште, а се преговара за уште 10 хектари плодно земјиште, кое не е приватно, ами го користат земјоделците од тој крај.

– За првпат се води сметка за плодното земјоделско земјиште и заедно со Универзитетот во Штип станува збор на регулатива за агроволтаици, за кои досега немаше законска подлога во државата. Инвестицијата на „Стипион“ е 270 милиони евра, а за првпат се вклучува развојна компонента, која не е закон, ами придонес, па така инвеститорот е должен да врати по 1 едно евро во општината од секој метар квадратен за подобрување на социјалната инфраструктура. Парите ќе одат во посебен фонд во Развојната банка, а општините ќе конкурираат за парите со свои проекти. Се очекуваат 2,5 милиони евра годишно од сите 4 стратешки инвестиции само по овој основ – додаде Битиќи.

Тој испрати порака дека изградбата на овој соларен парк нема да влијае врз водоснабдувањето во Штипскиот регион.

Инаку, Здружението на инженери на Република Македонија упати допис до секој пратеник, со барање да не се даде поддршка на овие закони што го нарушуваат енергетскиот суверенитет на Македонија, бидејќи сметаат дека енергетските проекти можеме и мораме да ги реализираме со сопствени сили. Нивните најголеми забелешки се за гасно когенеративната електрана на „Митилинеос“.

– Македонија годишно ќе губи помеѓу 15 и 35 милиони евра затоа што цените со кои Договорот нè обврзува да ги купуваме струјата и топлинската енергија од „Митилинеос“, се за 15 до 35 отсто повисоки од берзанските – стои во реакцијата на инженерите. Но, Битиќи рече дека во Договорот има формула за цената да биде под пазарната. Според него, најважно е што Македонија од увозник на енергија ќе стане извозник, а тој го разбира стравот на експертите дека ќе имаме премногу енергетски капацитети и зголемено производство, кое не ни е потребно.

Претходно и претседателот на РКЕ Марко Бислимоски истакна дека со овие инвестиции ќе станеме енергетски независни.

– Сега ЕСМ ја продава струјата на ЕВН хоме по цена од 58 евра за мегават-час, додека од стратешките партнери ќе изнесува 55 евра за мегават-час. При што доминантно струјата е од РЕК Битола од јаглен, чие производство ќе поскапи поради данок од ЕУ од 70/80 евра за мегават-час, што значи дека цената ќе достигне до 150 евра. Дај боже да има уште повеќе инвеститори и од увозна земја ќе станеме земја што извезуваме струја. Само во 2023 година ја преполовивме количината што се увезува поради приватните инвестиции и тоа е одлична работа – изјави Бислимоски во интервју за емисијата „Слободен печат“.

Македонија ќе добие мали нуклеарни реактори

Вицепремиерот Битиќи најавува дека со САД и со Велика Британија се преговара за изградба на мали нуклеарни реактори со моќност од 270 до 470 мегавати. Цената на појаките МНР е 2 милијарди евра, нивната изградба трае 12 години, па затоа ќе се понуди соработка и на соседните земји.

– Имаме среќа што сме земја членка на НАТО, а малите нуклеарни реактори не се како класичните и нивната технологија се разликува. Основната цел на сите стратешки инвестиции во Македонија е да се обезбеди енергетска независност и од земја што во моментот увезува дури 33 отсто од потребите за струја, да станеме земја извор на струја и извозник – објасни Битиќи, кој беше зачуден што во новата енергетска стратегија на МАНУ не се споменуваат водородот, складирањето на струјата и малите нуклеарни централи.

 

АКТУЕЛНО