Search
Search

Недоразбирањата меѓу ЈСП и советниците ќе „удрат“ по граѓаните: Ако до понеделник нема субвенции, ќе нема ни автобуси

Скопјани во понеделник повторно ќе останат без градски превоз доколку дотогаш Советот на Град Скопје не одржи итна седница на која ќе ги изгласа субвенциите за ЈСП за 2024 година, се заканија трите репрезентативни синдикати на Јавното сообраќајно претпријатие.

Репрезентативните синдикати во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ги повикуваат советниците од Советот на Град Скопје итно да свикаат седница на Советот со една единствена точка на дневен ред, а тоа е гласање за субвенционирање на ЈСП. Бидејќи истите тие советници го изгласаа буџетот на градот Скопје за 2024 година. Тоа значи, доколку не донесат одлука до недела, 21 јануари 2024 година, во понеделник, вработените во базите и другите сектори, нема да работат, бидејќи не е исплатена во законски рок изработената декемвриска плата, велат од синдикатите – информираа од Синдикатите.

Законски рок за исплата на декемвриската плата е 15 јануари, а како што посочуваат следната редовна седница на Советот на Град Скопје е закажана дури за 31 јануари.

На прашањето од „Слободен печат“ зошто се реагира сега пред празници, Миќо Стојановски, претседател на еден од синдикатите во ЈСП, вели дека доколку се сака, седница може да се одржи и денеска или во сабота и недела. Парите за таа намена веќе се определени во градскиот Буџет за годинава, само, како што вели, советниците треба да ја изгласаат одлуката.

Оваа ситуација ни се повторува на два-три месеци и ако не преземеме нешто сега веднаш на почетокот на годината, така и ќе продолжи. И ние сме луѓе и ние треба да јадеме. ЈСП не може да исплати плата затоа што извршува обврски што му ги определува Град Скопје, државата, возиме бесплатно повеќе категории граѓани, а за тоа не се исплаќаат парите навреме – вели Стојановски.

Од понеделник, 22 јануари, учениците се враќаат во училиште, започнува второто полугодие. Претседателот на синдикатот објаснува дека доколку до понеделник не се одржи бараната седница на Советот, можно е трите синдикати да се договорат да се пуштат во сообраќај одреден број автобуси за да се превезуваат учениците до училиштата.

Во врска со најавата на синдикатите, градоначалничката Данела Арсовска на денешната прес конференција истакна дека очекува одговорност од Советот на Град Скопје. Според неа, сите одлуки кои што се однесувале на редовното функционирање, поврзани со буџетот на Град Скопје, биле доставени до Советот.

Оние одлуки што беа за редовното функционирање поврзани со Буџетот на Град Скопје, уредно ги доставив до Советот и претседателот, дури свикав и една итна седница, која што тој одлучи со своето дискреционо право, точките кои беа најважни за претпријатијата на Град Скопје, да ги отстрани од дневниот ред. Како што можете да видите побаравме нова вонредна седница, истата сѐ уште не е свикана до овој ден. Јас се надевам дека прво одговорност ќе имаат со функцијата што ја имаат, доколку сакаат свесно да ги уништат претпријатијата, одговорноста е нивна, ние од наша страна сѐ што сме можеле сме направиле, рече Арсовска.

До овој момент нема информација од Советот на Град Скопје дали во наредните три дена ќе се одржи вонредна седница за субвенционирањето на ЈСП.

АКТУЕЛНО