Некои луѓе ме исмејуваат, но сточарството е благородно иако е тешко

Во крајниот северен дел на општина Пехчево, на десетина километри од градот се наоѓа село Панчарево. Куќите збиени во маала, жителите раселени по светот. Малкумина се оние кои што тргнуваат за да се вратат или воопшто не заминуваат. Трн тргна по тајната на малешевското сирење и стигнавме до атарот на село Панчарево. На влезот на пречека Ристе Ивановски. Има 18 години и веќе е при крај со средното образование – ветерина. И наместо да ја бара среќата во големите градови кои никогаш нема да му бидат дом, одлучил да живее и работи тука.

„Тешко е, не велам не, но мирот и спокојството кои ќе ги добиете со одгледување на стоката во склад со природата не може да ги замени ништо“, вели Ивановски додека го подготвува стадото од десетина овци, некоја коза и телиња за да ги однесе на паша. Не е сам, друштво по Малешевски Планини му прават и двете кучиња од расата руски азијат.

Денот овде не тече брзо. Иако млад Ристе не го преспива, напротив го троши најубаво што знае и умее.

„Секое утро се станува рано, без разлика дали е лето или зима, па дури и дали врне или не. Од мојата 11-та година поактивно се занимавам со сточарството. Љубовта кон овците и козите ја добив од мојот сега покоен татко, но и баба и дедо кои исто, за жал, повеќе не се помеѓу нас. Како млад човек уживам во тоа што значи да се биде едно со природата, но морам да признаам дека е тешко, но убаво ми е на душата“, ни раскажува Ивановски додека пешачиме низ панчаревското поле.

Свесен е за недостатоците кои ги имаат сите македонски села, уште повеќе за удобствата што ги нуди градската средина.

„По адреса од лична карта сум со живеалиште во Делчево, но поради ангажманите со стоката секој ден сум во село Панчарево. Иако сум еден од ретките млади луѓе во државата кои индивидуално се занимаваат со сточарство јас не се срамам, напротив сум горд самиот на себе. За жал, се уште постојат луѓе кои ми се потсмеваат, но тоа никогаш не ме демотивирало да го работам ова. Ме разочарува тоа што можеби е слаба поддршката за младите сточари, кои по се се чини стануваат ендемски вид во Македонија“, ни раскажува Ристе додека бараме сенка под столетните дабови дрва.

Обврските не му се лесни, денот не му е краток. Свесен е дека со сточарството и земјоделието нема слободни денови.

„За да чувате овци, кози и телиња тоа е еден цел процес кој не подразбира само нивна грижа. Во текот на летото мора да се делува секој ден, да се собере сено. Јас сум сам, никој не ми помага, па затоа и ми е тешко да ја обезбедам храната за животните. Можеби поисплатливо ми е сам да соберам сено, јонџе и слама, но немам механизација. Затоа апелирам до надлежните институции во државата да смогнат сили и да им ги доближат на младите земјоделци и сточари сите можни механизми за финансиска или материјална помош. На тој начин ќе се зголеми бројот на млади луѓе кои ќе функционираат во оваа сфера“, додава Ивановски.

Домашното сирење, урда и некој домат скинат од градината со кои не послужи Ристе, додека најтоплиот дел од денот го поминуваме под ладовина, само ја потврдија неговата теорија дека нема послатко од тоа што е природно.

„Секогаш имало и ќе има интерес за домашно произведеното сирење, кашкавал, урда… Патот е долг, но продуктот е незаменлив. Тоа што го произведувам пред се е за лични – семејни потреби, бидејќи ми е мало стадото. За да произведувам повеќе треба да имам и повеќе грла, кои од година во година се се поскапи. За да купите една овца се потребни од шест до седум илјади денари. Иако бавно ми оди, јас не се откажувам, само барам поддршка од институциите и ќе биде поубаво и подобро за сите“, смета Ивановски.

Меракот кон животните е тој кој ме мотивира секое утро од ново да станам и со позитивна мисла да го почнам денот. А денот кога Трн го посети младиот сточар Ристе Ивановски во пехчевско Панчарево уште долго ќе се памети, барем за нас како екипа. После  тие неколку часа поминати со стоката на Ивановски и вкусени залчиња од домашно сирење убаво ни е на душата, бидејќи има кој да ни ја чува традицијата. Има луѓе на кои комфорот не им значи ништо во споредба со топлината на домашното огниште.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави