Search
Search

Ќе имаме ли пак проблеми со јавниот превоз? Нема пари за плати во ЈСП

Советниците бараа објаснување за што точно се планираат дополнителните пари за ЈСП годинава, но иако добија објаснување дека се за плати и за достасани кредити, не дадоа согласност за субвенциите.

ЈСП „Скопје“ не доби уште 110 милиони денари субвенции од Град Скопје, затоа што на вчерашната вонредна седница советниците не ја прифатија предлог-одлуката со која требаше да се зголемат субвенциите и заедно со претходно одобрените да изнесуваат вкупно 550 милиони денари, односно околу 9 милиони евра. Советниците бараа објаснување за што точно се планираат тие пари, затоа што во предлогот за измени не беше ништо прецизирано.

Во дискусијата што следуваше за оваа точка повеќепати беше кажано дека сите се свесни дека ЈСП е во тешка положба и дека треба да му се помогне, но дека е битно за што ќе одат тие средства.

Една година се чека информација за состојбата во ЈСП и одговор немаме, па затоа предлагам да се повлече оваа точка од дневен ред и да се постави на наредната седница, за во меѓувреме да добиеме објаснување – рече советникот Филип Јаневски.

Во отсуство на градоначалничката Данела Арсовска, објаснување даде секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, кој ги замоли советниците позитивно да се изјаснат за предлогот.

Средствата исклучиво се однесуваат за плати и за ратите од кредитот за набавените автобуси во 2019 година. Дотации други за ЈСП нема. Дотациите од Владата беа 10 милиони денари месечно и тие прекинаа по ребалансот на централниот буџет и за јули, август и септември ЈСП сам го покрива тој превоз. Дел од средствата се за плати на вработените. Тоа значи дека ако денеска не се изгласа одлуката, ќе биде исклучително тешко да се извршуваат обврските на ЈСП и сервисирањето на другите обврски – предупреди Глигоров.

Сепак, Советот не ги изгласа дополнителните субвенции. Дали ова ќе има последици врз функционирањето на јавниот превоз во градот, ќе се види во наредниот период и од реакцијата на ЈСП, која очекувано ќе следува.

Претходно Советот го донесе ребалансот на Буџетот на Град Скопје за 2023 година, со кој вкупните приходи и други приливи се планираат на износ од 7,5 милијарди денари, со што предложениот вкупен буџет за оваа година се зголемува за 5,76%. Најголемиот дел од приходите и приливите се планира да се обезбедат од наплата на даноци (46,51%), и приливите по основ на дотации (28,13%).

 

АКТУЕЛНО