Ниту чиста вода, ни плажа, ни елитни хотели: Езерото „Треска“ остана запуштено и заборавено од сите

Езерото „Треска“, едно од најпопуларните и најпосетувани рекреативни места за скопјани особено во летните жешки месеци, речиси три децении е оставено да пропаѓа. Изградено беше во 1978 година со самопридонес од жителите на главниот град, со капацитет за 10 000 капачи, а само 20 години потоа, поради негрижата и неможноста да се најде начин за негово одржување и поради бактериолошки загадена вода, е затворено за капење. Оттогаш започна неговото целосно пропаѓање.

Околу езерото се наоѓаа бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, спортски терени. Преку лето во рестораните се организираа свадби и разни прослави, во кафулињата забави. На просторот имаше и камп со околу 550 приколки и токму граѓаните кои во кампот имаа поставено приколки беа најупорни посетители долго откако езерската вода не беше за употреба, а се грижеа и за одржување на хигиената во околината.

Денеска, тажна е сликата на она што некогаш претставуваше езерцето и просторот околу него. Корито без вода и со израснати треви, запуштен простор, ѓубре на сите страни и остатоци од некогашниот камп и од објектите кои општинарите од Сарај ги урнаа во 2021 година со најава дека на овој простор ќе никне нов спортско-рекреативен центар, а околу езерото ќе се градат хотели, бунгалови и трговски центри.

Фото Градска.мк
Фото Градска.мк
Фото Градска.мк
Фото Градска.мк
Фото Градска.мк

 

Езерото уште во 2013 година, во мандатот на Никола Груевски, со одлука на Владата беше префрлено на управување од Град Скопје на Општина Сарај. Шест години подоцна, Владата предводена од СДСМ дел од земјоделското земјиште во селата Глумово и Шишево кое се наоѓа околу езерото, го пренамени во градежно, за да може Општина Сарај да подготви Детален урбанистички план, а во март 2021 година одлучи дека ќе ја продолжи постапката за основање Туристичка развојна зона „Сарај – Езеро Треска”, согласно Законот за туристички развојни зони со уредени погодности за инвестирање во проекти со посебна намена.

Истата година беше претставен Деталниот урбанистички план за просторот кај езерото „Треска“ на Општина Сарај кој предвидува изградба на хотели, трговски центар, објекти за привремено сместување и простор предвиден за рекреација, при што целиот простор беше поделен во четири блокови.

– Блокот 1 на површина од 31 хектар предвидено е да се намени за спорт и рекреација, во блок 2 на површина од 10 хектари ќе бидат изградени бунгалови со максимална височина од 10.20 метри и П+2+Пк односно приземје, два ката и поткровје. Во блокот 3 е предвидена изградба на хотели на површина од 8 хектари со максимална висина од 4.50/11.50 метри и максимален број катови од П/П+2+Пк (четири нивоа). Во блокот 4 предвидено е да се направат трговски објекти на површина од 1.1 хектари – соопшти претставувајќи го ДУП-от тогашниот и денеска актуелен градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџeти.

Во рамките на комплексот требаше да има и шанкови, соблекувални и детски катчиња. Водата од езерото, покрај кое требаше да има плажа долга 30 метри, беше предвидено да се чисти преку прочистителна филтер станица. Планот предвидуваше на влезот на комплексот да има пазар на отворено на кој ќе се продаваат земјоделски производи, кулинарски специјалитети и рачни изработки.

Според Беџети, целата инвестиција би чинела околу 200 милиони евра, а рокот за реализација на проектот требаше да биде три години од почетокот на изградба.

Од најавениот комплекс досега нема ништо. Останат е само запуштениот пропаднат простор.

Од Општина Сарај и покрај нашите обиди, не добивме одговор на прашањето што се случува со езерцето „Треска“. Нема никакво објаснување каде настанал проблемот и зошто не се спроведува ДУП-от кој беше многу оптимистички најавен пред неколку години.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави