Search
Search

Нови проблеми за европските земјоделци, благата зима ги уништува посевите

Невообичаено благата зима и суша ги уништуваат посевите и ја загрозуваат егзистенцијата на земјоделците во Италија, предупреди водечкото земјоделско лоби Колдирети. Зимата беше исклучително блага низ јужна Европа. Шпанија го забележа најтоплиот јануари во историјата на мерењата, што следеше по долготрајната суша во Каталонија и Андалузија, пренесува Ројтерс.

Топлата зима предизвика мешаница во природата, предупреди здружението на италијански земјоделци. Некои растенија веќе цветаат и ќе страдаат ако температурата падне, објаснуваат тие. Од друга страна, сушата се заканува со прекини во сеидбата на житарките, мешунките и зеленчукот, што може да влијае и на добиточната храна.

Бараат помош од институциите „Земјоделството е гранка на италијанската економија најмногу изложена на последиците од климатските промени, од ден на ден“, нагласува Колдирети.

Здружението бара помош за земјоделците кои треба да се прилагодат на променливите временски услови и нивното влијание врз циклусите на културите, управувањето со водата и почвата. Институциите треба да ги поддржат иновациите, како што се употребата на дронови, роботи и сателити и зелената генетика „без генетски модифицирани организми“.

Италијанските земјоделци се приклучија на големиот бран протести низ Европа против високите трошоци, евтиниот увоз и ниските откупни цени на земјоделските производи, пренесува Хина.

АКТУЕЛНО