Search
Search

Новинарските здруженија го осудија враќањето на државното рекламирање во приватните медиуми: Тоа е корупција

Професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор категорично се спротивставуваат на обидот за повторно враќање на државното рекламирање во медиумите. Во соопштението за јавноста тие велат дека нивната позиција доаѓа од експертската процена дека предложените измени ќе бидат исклучително штетни за медиумскиот плурализам, за независноста на медиумите и за слободата на новинарите и медиумските работници во Македонија.

Здруженијата сметаат дека дополнително ќе се засили коруптивната и клиентелистичка култура во медиумскиот систем и ќе му направи штета на јавниот интерес и доброто владеење.

„Изразуваме загриженост за начинот на кој е злоупотребена собраниската процедура за да се усвојат измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) по скратена постапка. Употребата на инструментот „Европско знаменце” е недозволива во овој случај, бидејќи предложените измени немаат поврзаност со нужните реформи кои треба да водат кон хармонизација на медиумските закони на земјата со регулативите на Европската Унија. Конкретно, сметаме дека одлуката за овие законски измени да се расправа во скратена постапка е вонстандардна постапка која има цел да ги задоволи барањата на тесна група од интерес, при што целосно се занемарени забелешките и барањата на новинарските професионалци, на меѓународните организации, како и на независните експерти ангажирани од ЕУ во процесот на медиумските реформи“, се наведува во соопштението.

Ова не е пропис кој треба да се усвојува со европско знаменце и по скратена постапка, додаваат, а одредбите што се предложени не се поврзани со документите што се наведени во образложението што е доставено до Собранието.

„Напротив, предложените измени се спротивни на многу препораки и документи на Советот на Европа, на предложената регулатива на Европската комисија за слобода на медиумите, на правилата на ЕУ за државна помош и на низа други документи. Затоа, зачудува објаснувањето на министерот Азир Алиу кој тврди дека предложените измени се во согласност со правото и стандардите на ЕУ“, велат новинарските здруженија.

Тие предупредуваат дека воведувањето на државното рекламирање во приватните медиуми во Македонија значи враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото, со исклучително штетни последици за независноста на медиумите и пошироко за слободата на изразување.

„Со предложениот систем на распределба на јавните пари се воведува системска корупција во приватниот медиумски сектор, а наместо квалитетни вести и нова продукција на домашни содржини, граѓаните (за сопствените пари) ќе добиваат реклами на државните институции. За враќањето на овие погрешни политики во медиумскиот сектор, што претходно беа силно критикувани од сегашните партии на власт, предупредува и групата меѓународни здруженија и медиумски организации во неодамна објавениот Извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите во земјава, нагласувајќи дека: „државните рекламни кампањи носат со себе големи ризици за нарушување на уредувачката независност”. Во овој извештај, но и во препораките на ЕУ експертите, се нагласува и дека најсоодветна финансиска поддршка на медиумите во националниот медиумски контекст е формирањето Фонд за плурализам во медиумите, за што постојат повеќе успешни модели во Европа. Уште еднаш како и многупати последниве 15 години, нагласуваме дека е избран единствениот неефикасен и неприфатлив начин за подобрување на состојбата во медиумската сфера, и потенцираме дека за подобрување на состојбата во медиумите потребно е низ сеопфатна дебата да се изнајде начин за помош на медиумите насочен единствено преку поддршка на програмската продукција и на социо-економската положба на новинарите и медиумските работници“, предупредуваат новинарските организации.

Соопштението е потпишано од Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Центарот за развој на медиумите (ЦРМ).

 

АКТУЕЛНО