Објавена книгата „Радио-диоптрии“ на Свето Стаменов и Цане Т. Мојаноски

Од печат излезе книгата „Радио-диоптрии“ (политсоциолошка анализа и радио–разговори за состојбите во Македонија: 2022-2024) на Свето Стаменов, политиколог, новинар и публицист и на универзитетскиот професор, и политиколог Цане Т. Мојаноски. Во книгата на читателската јавност ѝ се понудени содржините на 16 интервјуа реализирани во рамките на радио-програмите „Радио спектар“ и „Актуелно“ на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од јуни 2022 година до април 2024 година.

Тематски интервјуа се поделени во неколку групи. Првото интервју се однесува на враќањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во канонскиот поредок на православните цркви, несомнено еден од најзначајните настани кај нас во 2022 година.

Втората група на интервјуа се однесува на актуелните општествени, политички и, особено, меѓупартиски состојби во Македонија, кои содржат ставови и оценки за „рововската“ меѓупартиска „битка“, за создаденото и прифатено ниско ниво на толеранција и меѓусебно разбирање, за вкоренетата „логика“ дека партискиот конкурент е „непријател“, кој ништо не знае и ништо не може да понуди и од „чии редови доаѓаат сите зла“, со афирмирање на говор на омраза, ниски страсти, зачинет со малограѓански манири, негување на култура на одмазда и дистанца. За нивото на развојот на општествените односи, посебно за нивото на владеењето на вредностите е поразителен фактот што насила беше одземен детски живот. Тој факт ја отвора потребата од реафирмација на вредностите, особено на моралот, доброљубието и човекољубието, односно од морална и вредносна обнова во Македонија.

Исто така, во нив се анализираат меѓупартиските нијанси, положби и позиции, како и дискурсот и потребата од градење меѓупартиски, меѓуетички и граѓански консензус по прашањата од стратегиски интерес за развојот и напредокот на Македонија. Тој дискурс беше засенет од пречките и блокадите, прво на Франција со обидот да се дефинираат правила и принципи за приклучување кон Европската Унија, а потоа и од соседна Бугарија, која „членувањето во клубот“ го користи да изврши ревизија на историјата и да го наметне својот наратив како исклучителен, безгрешен и непроменлив. Излезот од таквата невообичаена состојба беше побаран од институциите на Европската Унија, од која како услов за продолжување на нашето асоцирање беше наметнат „францускиот предлог“, кој за домашните субјекти значеше градење консензус да се промени Уставот и во неговата преамбула како делови на народи што живеат во Македонија да се стават и Бугарите.

Во тесна врска со оваа група се и интервјуата: „Во 2022 година се врати историјата назад“ и „Бугарски политички екскурзии низ Македонија“ во кои се анализира прашањето со меѓусоседските односи, посебно односите со Бугарија и нејзините, за нас, несфатливи и неразбирливи барања.

Посебна група на интервјуа се однесува на војната и воените дејствија во Украина и Израел, во кои се анализираат воените специфичности на времето во кое живееме и во кое се отвори дискурсот за тоа дека на јавна сцена повторно се вратени дебатите од периодот на „Студената војна“, дека е напуштен „студениот мир“ и се премина во ситуација на нови затегнати односи, со видливи напори за вооружување и испробување на нови оружја, реки бегалци, раселено население, цивилни жртви и разурнати економии.

Следната група ја сочинуваат три интервјуа насловени: „Гоце Делчев – икона на македонската национална свест“, „Политичката филозофија на Крсте Петков Мисирков“ и „Слоевитоста на политичката филозофија на Крсте Петков Мисирков“, посветени на општествената, политичката и слободарската мисија на Гоце Делчев и на златната книга на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“, која се анализира од аспект на концептот на политичката филозофија.

Во последната група на интервјуа, кои беа емитувани непосредно пред започнувањето на кампањата за претседателските и парламентарните избори во нашава земја, се нудат пораки и сознанија за демократијата, демократските модели, легитимирањето на власта, како и за дејствијата поврзани со добивањето на изборната волја и однесувањето на граѓаните во време на изборниот процес и на денот на донесувањето на изборната одлука.

Инаку, „Радио-диоптрии“, која авторите ја посветуваат во знак на вечен спомен на Искра Чоловиќ, доајен на македонското спикерство, новинар и истакнат македонски публицист, е своевидно логично продолжение на книгата „Политиколошки вивисекции во етерот“, што Свето Стаменов и проф. д-р Цане Т. Мојаноски ја објавија во 2022 година.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави