Од 2017 година има стратегија како да се намалат температурите во Скопје, ама Градот никако да ја споведе

Растот на градовите и загадувањето на воздухот, водата и почвата се најголемите притисоци врз природниот екосистем. Урбаните средини се особено погодени од последиците и влијанието на климатските промени, особено што овие ефекти ќе се интензивираат во летните месеци.

Градот Скопје во 2017 со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации во Македонија (УНДП) има изработено стратегија за прилагодување на климатските промени „Отпорно Скопје“ која содржи низа мерки за справување со последиците од климатските промени меѓу кои и зголемување на урбаното зеленило. Мерките од оваа стратегија за жал иако се планирани последните години воопшто не се буџетирани од градот.

Елена Николовска, програмски координатор за клима во „Еко свест” за Градска.мк вели дека тие како организација, не се запознаени многу со работата на Град Скопје во делот на заштита на животната средина.

„Ние како организација немаме информација до каде е на пример пречистителната станица во Скопје и не знаеме зошто тие проекти не се гледаат како приоритетни. Ние зборуваме за меѓународни обврски и тие се важни затоа што на нив државата ставила потпис, на стратегијата за отпорно Скопје Градот Скопје ставил потпис без разлика кој бил градоначалник, но тие обврски не се имплементираат. Стратегијата за отпорно Скопје воопшто не се имплементира, тоа е стратегија за намалување на емисиите од страна на градот. Во таа стратегија постојат и мерки за прилагодување на екстремни временски настани, особено во урбани средини, како топлотен бран. Таму се многу убаво напишани има лоцирано топлотни острови, насоки каде треба да се зголеми зеленилото, какво зеленило треба да се постави, не само тоа да биде бусен трева како што е фрлена на плоштадот, туку тоа да биде мултифункционално зеленило. Да има грмушки, тревна површина, дрва во големи крошни, простор каде луѓето ќе можат да седнат да се одморат, вода да има, но не скапи големи фонтани кои трошат вода, туку обични чешмички. Ете тоа е една толку проста мерка што стои во стратегијата за отпорно Скопје“ посочи Николовска.

Како што вели оваа стратегија е изработена при крајот на мандатот на Коце Трајановски, дека можеби некои од мерките како зелен катастар, зелени кровои и други зелени катчиња започнале да се спроведуваат во времето на градоначалникот Петре Шилегов, на пример Градскиот трговски центар во  доби зелен покрив кон крајот на 2019 година. Тој беше отворен за посетители на 29 ноември 2019 г, откако Град Скопје заедно со УНДП и ГТЦ, заврши со уредување на просторот од 1.800 квадратни метри на кој се засадени над 3.600 разни видови садници. Поставени се и неколку фонтани и базени, монтажна бина, шаховско поле, кафуле, модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди.

Сепак по ковидот нема никакви активности, а особено сегашните власти на чело со Данела Арсовска ниту споделуваат некаква информација ниту пак ја спомнале оваа стратегија.

-Можеби беа изградени некои паркови, и беа засадени садници, но сепак тоа не го решава проблемот на скопјани, бидејќи кога веќе имаме документ со точни пресметки и каков вид на дрвја треба да се засадат, колку зелена површина треба да има, сепак се продолжи со изградабата на згради и бројот на зелени површини наместо да се зголемува се намалува, појаснува Николовска.

Околу оваа стратегија како и вообичаено не добивме никаков одговор од Град Скопје. Испративме прашања и до УНДП дали имаат некакви информации зошто не се спроведува и која била сумата на чинење, но и оттаму не добивме одговор.

Што значи стратегијата отпорно Скопје?

Во Стратегијата се опфатени акциите за намалување на причините за климатските промени, базирани на изработениот Инвентар на стакленички гасови за 2008 и за 2012 година, пресметани за трите главни сектори: снабдување со енергија, згради и транспорт. Притоа, земени се предвид веќе преземените активности од Градот Скопје во различни области: енергетската ефикасност, јавниот транспорт, подобрувањето на условите за одвивање на сообраќајот, развивањето на алтернативниот сообраќај, заштитата на воздухот и на водите, комуналните услуги, јавното зеленило, заштитата на здравјето на луѓето, помошта за ранливите групи и лицата со посебни потреби и др.

Акцискиот план на Стратегијата предвидува голем број активности во сите области, при што, највисок приоритет имаат превенцијата и заштитата од поплави и зелената инфраструктура. Висок приоритет е даден на: Воспоставување и унапредување на системот за предупредување; информирање и подигање на свеста, како и други институционални и организациски мерки, урбанистичко планирање заради заштита од поплави, заштеда на чиста вода за пиење, реупотреба, одведување на отпадни и атмосферски води, но и формирање и рехабилитација на јавните зелени простори.

Не функционира ниту зелениот катастар на Скопје, многу гласно најавувана алатка, која требаше на сите во секое време да ни покажува каде, колку и какви дрвја имаме. Да нè информира колку нови дрвја се засадуваат и дали се вистинити бројките кои ни ги сервираат институциите кога велат дека инвестираат во зеленило. Апликацијата на скопскиот зелен катастар во моментов не покажува никакви податоци, ниту пак врши селекција на информациите кои се предвидени дека треба да ги понуди. Многу мал интерес за создавање транспарентен зелен катастар, обврска која ја наметна законот за урбано зеленило, има и во другите општини низ земјата. Во моментов има само Кавадарци, а во тек на изработка е и во Охрид.

Секоја година Скопје и другите општини велат дека засадуваат илјадници нови садници, но тие не се внесуваат во системот, иако тоа би било најсоодветно да се направи во моментот на засадувањето. Сотировски смета дека секакво подоцнежно внесување на новозасадените садници станува логистички и технички проблематично, а веројатно и финансиски. Со тоа, лесно се губат релевантни податоци за тоа што и колку се сади, каде се изведува тоа и колку од тие садници преживуваат после една, две или повеќе години. Се губи трага и нема транспарентност за тоа каде одат или се губат јавните пари наменети за зеленило.

Урбаното зеленило, кое е пропишано во Законот за урбано зеленило, го опфаќа јавното и останато зеленило. Во него влегуваат сите паркови, парк-шумите, дрвореди, зелени коридори, заштитното зеленило, но и неуреденото зеленило. Според податоците од Годишната програма за подигање и одржување на зеленилото на подрачјето на Град Скопје за 2022 година на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, Скопје има вкупно 5.064.117 квадратни метри зелени површини, од кои 2.353.392 се градско, а 2,710,725 квадратни метри се општинско зеленило.

Законот за урбано зеленило пропишува дека со Генералниот урбанистички план се одредува обемот на зелена површина по жител, што единицата на локалната самоуправа треба да го постигне во временскиот рок утврден со планската документација. Пропишано е дека во процесот на урбанистичко планирање, при изработка на Генералниот урбанистички план, потребно е да се обезбеди 25 квадратни метри зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на град, како и обврската при изработка на деталните урбанистички планови и архитектонско-урбанистичките проекти, да се обезбеди најмалку 20 отсто зеленило на секоја градежна парцела.

Инаку, стакленичките гасови е докажано дека се причинител за зголемување на ефектот на стаклена градина, која влијае на загревањето на Земјината топка. С.Македонија го ратификуваше Парискиот договор за климатски промени што беше потпишан пред 8 години, а со тоа ја презеде и обврската да ги намали емисиите на стакленички гасови во наредниот период, односно да ја примени Рамковната конвенција за климатски промени на ООН која што обврзува да се одржи зголемувањето на глобалната просечна температура под 2 целзиусови степени над прединдустриските нивоа.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави