Од транспортна база до урбано место за живеење, која е оваа скопска населба?

Автокоманда е населба во источниот дел на градот Скопје, на 3 км оддалеченост од центарот на градот, на левиот брег на реката Вардар, од источната страна на парк-шумата Гази Баба, а западно од населбите Камник, Маџари, Триангла и Ченто, северно од Ќерамидница, јужно од населбата Железара и од фабриката Железара. Населбата Автокоманда припаѓа во рамките на скопската градска општина Гази Баба.

Сместена е на самиот влез на градот и е раскрсница кон населбите Кисела Вода и Аеродром, Карпош, Центар и Чаир и автопатот кон Гевгелија и Куманово.

Главен јавен простор на населбата е плоштадот Филип II, на кој се наоѓа споменик на истоимениот крал заедно со фонтана од антички воини и девојки.

Самото име Автокоманда е во тесна врска со настанокот на населбата. Имено, по завршувањето на Првата светска војна, војската на Кралството СХС проценила дека овој простор е погоден за стационирање на транспортни единици и на еден дел од денешната населба изградила транспортна база.

По завршувањето на Втората светска војна во текот на 1940-тите и 1950-тите години, војската на СФРЈ ја дислоцира оваа база при крајот на 1964. По завршувањето на граѓанската војна во Грција, во Автокоманда им се дава прибежиште на Македонците кои биваат протерани од своите дотогашни домови во Грција.

Во населбата Автокоманда масовно се доселуваат протераните со цели семејства. Сосема природно, големиот број новодоселени жители се дочекани студено од староседелците во населбата, и се јавува соперништво кој трае се`до времето на Скопскиот земјотрес.

По земјотресот, се гради низ целиот град. Автокоманда го добива сегашниот изглед: изградени се таканаречените Железарски згради во северниот дел на населбата, четирите жолти станбени кули покрај булеварот Александар Македонски, исти такви три кули позади бензинската пумпа, таканаречената Руска зграда кај пазарчето (изградена од владата на тогашен СССР), спортската сала, а во залезот на 1970-тите години е изградена и Воената Кула, наменета за офицерите на ЈНА, воени пензионери и цивили во служба на ЈНА.

Во новите згради се доселуваат нови жители, и дотогашното соперништво помеѓу староседелците и протераните од Грција избледува во целост. Денеска старите жители на Автокоманда се вистинска реткост. Во текот на 1980-тите и 1990-тите години се изруши старото гето составено од суб-стандардни бараки кои од жителите на Автокоманда беа цинично наречени Американско Село, и на истото место се изградени зградите позади бензинската пумпа, кои гледаат кон Ветеринарниот Факултет.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави