Search
Search

Огромните блокови од 35 ката ќе го спречат и воздухот и светлината за жителите во Тафталиџе 1: Ќе се дозволи ли нивна изградба?

Не престануваат реакциите на граѓаните, граѓанските организации и активистите загрижени за хуманото живеење во Скопје, поврзани со предложениот ДУП за просторот кај поранешната фабрика „Алумина“, на кој е предвидена изградба на згради високи и по 35 ката. Покрај нив, на овој простор ќе има и две 14-катници, една десеткатница и две згради на 9 ката, сите наменети за домување.

Станува збор за плански опфат кој се наоѓа меѓу улицата Прашка, булеварите 8 Септември и Митрополит Теодосиј Гологанов, како и новопроектираната улица С6. Предлог ДУП Градска четврт 3 06, блок 11, до петок, односно до 15 декември е на јавна анкета, а утре ќе се одржи и негова јавна презентација.

Според она што е прикажано на синтезниот план на просторот опфатен со овој ДУП максимално дозволена површина за градење изнесува околу 28 500 метри квадратни на кои, со сите предвидени катови, би се добила површина од речиси 430 000 метри квадратни.

Сопственик на најголемата површина за градба, според податоците кои се јавно достапни на интернет страницата на Агенцијата за катастар на недвижности, поточно сопственик на просторот на некогашната фабрика „Алумина“ е фирмата „Пуцко Петрол“. Градежните парцели кои ги поседува оваа фирма се со вкупна површина од околу 36 500 метри квадратни, од кои максимално дозволени за градење се нешто повеќе од 21 000 квадрати. На овој простор се сместени парцели за две огромни згради, една деловна и една станбена, кои можат да бидат по 35 ката, односно високи по 108 метри. Доколку сопственикот и ивеститорот решат да ги изградат високи колку што им е дозволено во предлог ДУП-от, само во деловната зграда, на пример би се добила изградена површина од околу 335 000 метри квадратни.

Општина Карпош на огласната табла на својата веб страница покрај известувањето за јавна анкета и јавна презентација има објавено и 3Д приказ за тоа како би изгледал овој простор откако ќе се изградат зградите. На визуелизацијата се прикажани модерни згради, со зелени тераси и покриви, а меѓу нив зеленило и пешачки патеки.

Но, доколку се спореди синтезниот план со она што е прикажано на 3Д приказот ќе се забележи голема разлика. Наместо неколку згради, на синтезниот план целиот простор кај поранешната фабрика, во сопственост на „Пуцко Петрол“ е поделен само на две градежни парцели, кои доколку се изградат според планот ќе претставуваат огромни блокови од 35 ката.

Граѓаните реагираат дека ако се дозволи тоа, сосема ќе се спречи струењето на воздухот, но и светлината за куќите и зградичките кои се наоѓаат од другата страна на улицата Прашка. Сепак, жителите од овој дел немаат право на жалба, затоа што на јавната анкета можат да учествуваат и да даваат забелешки само граѓаните кои живеат на просторот опфатен со овој ДУП.

Советниците од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ вчеравечер организираа собир на граѓаните од Тафталиџе 1, каде се споделија сите сознанија, ставови и проблеми поврзани со ДУП Градска четврт 3 06, блок 11.

На предложениот план има многу приговори и забелешки. Меѓу другото, како што е наведено во листата со приговори, за да се обезбедат енормните параметри кои се наведени во предлог ДУП за само еден приватен инвеститор, на близу 500 градежни парцели со намена А1 – домување во приватни куќи им е узурпирано правото на надградба од 1,6 метри на постоечкките висини, што е флагрантно кршење на правата на граѓаните и обезвредување на нивните имоти. Се приговара и за огромните димензии на објектите покрај булеварите од 35 ката и висина од 108 метри.

Природната сончева светлина има незаменливо влијание врз психофизичкото здравје на луѓето особено во зимските месеци. Во текот на зимските месеци кога сонцето се движи по зимската траекторија и е ниско на хоризонтот, овие мега висини ќе ги засенат сите објекти кои се наоѓаат во близина. Никој нема право да им ја одземе осонченоста на граѓаните кои тука живеат со децении во месеците кога најмногу им треба сончева светлина. Гимназијата „Ѓорѓи Димитров“ се наоѓа на север од планираниот комплекс на само 140 метри. Во зимските месеци училниците ќе бидат во сенка, како и спортските терени во дворот – се наведува во еден од приговорите на ДУП.

Се приговара и дека огромните блокови ќе го спречат погледот кон Водно, ќе се намали аерацијата во четвртта, дека улицата за пристап до објектите и паркинзите излегува на улицата Прашка, која и сега едвај ги сервисира потребите на жителите на новите згради. Забелешка има и на фактот дека не се предвидени градинка и училиште иако бројот на жители ќе се зголеми за 8346 жители.

Од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ ги повикуваат граѓаните да им се обратат на советниците во Советот, кои на крајот треба да го гласаат овој ДУП.

Пиши им на твоите советници, твои претставници во општината, зошто градби 108 метри високи на просторот од бивша „Алумина“ не се за твоето/нашето маало, твое/наше Тафталиџе 1, твој/наш Карпош. За да знаат кога ќе дојде ред да се гласа за овој ДУП, да не биде не знаевме. Граѓанскиот глас си ти, но тие тој глас го претставуваат во Советот – апелираат независните советнички.

Извор Слободен печат

АКТУЕЛНО