Search
Search

Октомвриските сметки за парно бавно „патуваат“ до скопјани, ќе стигнат до декември

Ноември е речиси при крајот, а граѓаните сѐ уште не ги добиле сметките за парно греење за октомври. Ситуацијата е невообичаена, со оглед на фактот дека вообичаено фактурите стигнуваат во првите денови од тековниот месец за претходниот, а особено поради тоа што износот на сметките за октомври треба да е ист како за септември, значи нема промена на цената и нејасно е зошто ЕСМ доцни со нивната испорака.

Оттаму веќе неколку денови нема одговор на прашањето зошто фактурите не се испорачани до скопјани, ниту се електронски достапни и дали има некаков проблем во пресметката.

Скопјани во очекување на октомвриските сметки, стравуваат дека додека ги испорачаат ќе помине месецот, па дека отпосле ќе мораат да плаќаат две фактури одеднаш.

Истото се случи и минатата година овој период, ама тогаш ЕСМ го презема парното, па им требаше време додека почнаа со сметките. Сега што е проблем? Во декември пред Нова година одеднаш две сметки да плаќаме затоа што тие не си ја вршат работата? Ниту има сега поскапување ниту износот е сменет. Колку што знам, новата цена на парното стартуваше од први ноември, а не од октомври – коментира жител на Центар.

Минатата година ЕСМ исто така доцнеше со испорака на октомвриските сметки и потрошувачите ги добија одеднаш и фактурите за октомври и за ноември во декември. Од компанијата тогаш тврдеа дека сметките само тогаш ќе стигнат со задоцнување, додека се воспостави системот, а потоа ќе се испраќаат редовно. Годинава во истиот месец се повторува истото, но овој пат без никакво објаснување до граѓаните.

Единствената информација околу овој проблем ја добивме во Центарот за грижа за потрошувачи.

Доцниме со изготвување на фактурите, до крајот на неделава ќе бидат готови и од понеделник ќе бидат доставени до потрошувачите – велат оттаму, но не прецизираат што е причината за ова што се случува.

Инаку, новата цена на парното утврдена кон крајот на октомври важи од 1 ноември, што значи дека фактурите што граѓаните ќе ги добијат во декември ќе бидат со повисок износ.
Околу 60.000 потрошувачи што се снабдуваат со топлинска енергија преку ЕСМ Снабдување, ќе плаќаат повисоки сметки за парно за 4,51 отсто. Како што објасни претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски, тоа во практика значи дека на една просечна сметка од 1.800 денари, зголемувањето би било околу 80 денари, со што е избегнат ценовниот удар за скопјани, во услови кога ЕСМ побарувала повисоки цени за 50 отсто. За останатите потрошувачи, кои се приклучени на Железарското парно на ЕСМ Енергетика и на топланата Скопје Север, цената е незначително намалена во однос на сегашната.

Одлуката за зголемување на цената РКЕ ја донела откако добиле цврсто уверување дека ќе почне поставувањето на цевководот на мостот „Беласица“, преку кој се испорачува топлинска енергија од „ТЕ-ТО“, која е со двојно пониска цена од цената на топланите.

Цевководот на „Беласица“ уште не во функција, а кога ќе биде, сѐ уште нема информација од ЕСМ./СП/

АКТУЕЛНО