Search
Search

Општина Центар: Да не бараат оправдувања, надлежните да го решат хаосот со сметот

Општина Центар алармира до Град Скопје за неисчистените контејнери и преполните канти со смет, поради, како што наведува, протестот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.

Според Општината, голем број граѓани денеска се пожалиле поради нехигиената и неподносливата миризба која се шири поради преполните контејнери по булеварите и улиците на главниот град.

„Апелираме на итна реакција од Градот Скопје под чија надлежност е ЈП „Комунална хигиена“. Ние со своето претпријатие ќе продолжиме активно да ги одржуваме општинските површини. Предупредуваме, надлежните од Градот да не бараат оправдувања, туку веднаш да дејствуваат, високите температури надвор најмалку дозволуваат главниот град да биде претрупан со смет. Граѓаните плаќаат комунална такса и сакаат чист град“, порачува Општина Центар

Косана Мазнева директорка на ЈП „Комунална хигиена“, на прес конференција денеска се огласи околу новонастаната состојба со сметот во Скопје, кој не се собира оти дел од вработените протестираат.

Таа изјави дека група контролирана од политичка партија на која и се скратени бенфициите ја блокира Комунална хигиена и спречува да се собира ѓубрето. Револтот според неа лежи во тоа што таа наредила да се воведе сменско работење.

Вработени во Комунална хигиена во петокот пред полноќ прекинаа со работа. Се жалат на отпуштањето на голем број вработени и деградации од страна на актуелните раководители на претпријатието.

АКТУЕЛНО