Search
Search

Парното нема да поскапи повеќе од 50-60 денари по стан, вели Бислимовски

Од 1 ноември, парното нема да поскапи повеќе од пет отсто, што значи дека зголемувањето на цената на парното греење би се движело до максимум од 50 до 60 денари на месечно ниво, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

-Анализите се при крај, готови се во најголем дел, во текот на утрешниот ден ќе имаме подготвителна седница, а конечната одлука ќе ја донесеме во вторник. Нема да има никакви ценовни шокови, ќе биде во рамките на нормалата. Ова е тешка одлука, зашто со оваа одлука треба да вратиме шест милиона евра, кои Владата ги даде како позајмица за купување на гас во 2022 година. Тој трошок е голем и прави притисок врз цената. Во консултација со Владата, тој долг ќе се врати на неколку рати, во период од неколку години. Мора да има квалитетна испорака на топлинска енергија – рече тој на Сител.

Според Бислимовски, во текот на енергетската криза успеале да одржат ценовна стабилност на топлинската енергија.

-Кога зборуваме за немање ценовни шокови знаете дека имаме висока инфлација, зголемени се материјалите за работа на сите компании, дополнително има и усогласувања во однос на минималната плата, така што јас не верувам дека ќе имаме зголемување поголемо од пет отсто коешто нема да претставува проблем за граѓаните во градот Скопје. Сега во овој момент тоа е најевтин начин на греење, така што за еден просечен стан ако би имало зголемување тоа би се движело до максимум на месечно ниво за 50 до 60 денари, што сметам дека не претставува проблем – истакна тој.

 

АКТУЕЛНО