Search
Search

Пендаровски: Крајно време е да го редефинираме патриотизмот

Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една прилика која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на „емигрантска Македонија“ – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија, порача претседателот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање во Собранието на Република Северна Македонија.

Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање, рече претседателот, се контарпродуктивни за виталноста на нашата кауза.

„Во таа смисла, обновените странски пропаганди ‘одлично’ си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас“, рече Пендаровски.

Говорејќи во насока на уставните промени, шефот на државата во своето обраќање порача дека идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност.

„Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија“, кажа Пендаровски.

Во тој контекст претседателот потсети на 2008 година кога на самитот на НАТО во Букурешт, кога како член на македонската делегација сведочел на тогаш пропуштената шанса да станеме земја членка на НАТО.

„Дозволете ми, за момент, за ова прашање да бидам длабоко личен и да потсетам на сега далечната 2008-та кога на самитот на НАТО во Букурешт, како член на македонската делегација, директно сведочев за пропуштената историска прилика, поради национално неединство и ситни партиски калкулации. Десет години потоа, прифативме многу полош предлог, а, севкупно, изгубивме 12 години надвор од Алијансата. Не верувам дека историјата се повторува во идентични циклуси, меѓутоа, постојат сличности со тоа време во домашниот политички амбиент, при што, како и тогаш, некои мислат дека Европа и светот ќе чекаат на нас. Се разбира, политички е сосема легитимно да бидете против европската преговарачка рамка, но, политички е доблесно, исто така, да признаете дека постои огромна разлика помеѓу она што Бугарите го бараа од нас на почетокот, и она што од сите тие барања остана на крајот во тој документ“, рече Пендаровски.

Прашањето и пораките на Пендаровски за уставните измени беа надоврзување на неговите согледување на последните одлуки на Европскиот совет, кои, како што рече, за жал го потврдија песимистичкото сценарио за Западниот Балкан, кое некои дипломатски кругови го најавуваа од почетокот на војната во Украина.

„Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кој практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно дополнително ќе придонесе за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен „Обединета Европа“. Изјавата дека ќе биде геополитичка катастрофа ако Украина и Молдавија добијат приоритет во однос на Балканот не е моја, ниту на некој македонски политичар, туку на австрискиот министер за надворешни работи во која се содржани сите наши фрустрации и изневерена надеж“, рече шефот на државата.

Меѓутоа, како што додаде тој, државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 20204 година и какави ќе бидат раздвижувањата по изборите во Европскиот парламент и претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД).

Ентузијазмот за членство во ЕУ драматично опаѓа, рече Пендаровски, додавајќи дека во врска со ова прашање земјава се наоѓа на критична точка.

„Евентуалното забавување, уште повеќе, целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи. Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата“, рече шефот на државата.

Осврнувајќи се на идентитетските прашања, а најмногу поради стравовите на македонскиот народ, кој секојдневно е бомбардинар со политичка пропаганда, Пендаровски рече оти е длабоко убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања.

„…затоа што нашите црвени линии не ги утврдивме ние, нив одамна ги имаат утврдено оние кои ја формираа оваа држава во 1944-та година со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ“, рече Пендаровски.

Шефот на државата е согласен дека владите на Бугарија во последните години повлекоа серија лоши потези и дека довербата на Македонците кон Бугарија се разнишани, но сигурно е, рече Пендаровски оти не е во наш стратешки интерес да направиме непријател од Бугарија.

„Дали владите на Бугарија во последниве години, сосема непотребно, повлекоа серија лоши потези кон македонскиот народ – повлекоа, дали довербата на Македонците кон источниот сосед во голема мерка е разнишана и ќе требаат години, можеби и генерации таа да се обнови – и тоа е неспорно, но, сигурно не е во наш стратешки интерес да правиме непријател од Бугарија, затоа што, наш интерес е да имаме стабилно опкружување и продуктивна соработка со сите соседи, наместо бесполезно да ја трошиме енергијата со нив, расправајќи се за историја“, рече Пендаровски во обраќањето.
Истовремено, крајно неодговорно, порача претседателот е да си играме со чувствата на Македонецот и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да печалиме ситни политички поени.

Крајно време, рече тој, е да го редефинираме патриотизмот.

„И ова сум го кажал многу пати досега, но, морам да го повторам: доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да одиме за да стигнеме до Унијата, не познавам некој кој е подготвен да чекори по тој пат. Во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник. Крајно време е да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата. Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние кои работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина“, рече Пендаровски.

Наш приоритет треба да биде преку константен политички дијалог меѓу власта и опозицијата да го зголемиме внатрешниот потенцијал за постигнување консензус по битните национални прашања, порача шефот на државата во своето годишно обраќање.

 

АКТУЕЛНО