Search
Search

Пендаровски: На 26 јули 1963 година под урнатините останаа затрупани 1070 биографии, радости и планови за иднината

По повод 60 годишнината од скопскиот земјотрес, денеска во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија се одржа централниот настан – Градиме издржливост, кој следуваше после низа едукативни работилници, отворени денови и научни средби кои ИЗИИС ги посвети на овој дел од историјата на Скопје.

На настанот се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски кој нагласи дека на 26 јули 1963 година под урнатините останаа затрупани 1070 биографии, радости, дилеми, планови за иднината и  засекогаш се промени лицето на градот. Па оттука, како што рече, обновата на Скопје значеше не само изградба на објекти и инфраструктура, туку и подигнување на стандардите за градба. Токму за таа цел, во 1965 година  бил формиран Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

 Во децениите кои се зад нас, ИЗИИС прерасна во респектибилна институција која овозможува обука на професионалци – градежни инженери, архитекти и планери на највисоко ниво, со цел унапредување на планирањето и проектирањето со примена на најсовремени техники, методи и процедури. Денес, брендот на ИЗИИС е препознаен и потврден во стручната јавност не само кај нас, и не само во поширокиот регион, туку и во глобални рамки – рече Пендаровски.

Според претстедателот, најмногу заради ангажман на ИЗИИС и истражувачка работа, се воспоставени високи стандарди за асеизмичко градење.

Стручната експертиза и професионалните стандарди мораат да бидат остро спротивставени при секој обид на било кој политички, бизнис фактор или деловен интерес да бидат заобиколени воспоставените правила и критериуми при изведбата на објектите. Се разбира, потребен е и ваш натамошен, континуиран ангажман и за подобрување и надградување на стандардите со следење на најновите светски трендови и иновации во областа – нагласи Пендаровски.

Според градоначалничката Данела Арсовска, која исто така се обрати на настанот, многу е важно да не се дозволи да се градат сеизмички несоодветни објекти, но важно е да се имаат предвид и сите останати фактори битни за развојот на нашиот град, а тоа е да се внимава на хуманото развивање, на хуманото градење и на тоа Скопје да биде град што ќе се развива планирано.

Фото: Слободен печат

Градоначалничката апелираше сите да го подигнат гласот и секогаш луѓето да ја дадат својата експертиза таму каде што е неопходно и секој да го направи тоа што мисли дека може за развивање на градот Скопје.

 Градот Скопје како град на солидарноста знае што значи да се биде помогнат во вакви трагични моменти и затоа сме и меѓу првите коишто и реагираат на сите наши соседи, пријатели, пријателски држави и градови кога се наоѓаат во слична ситуација, ефектуирани од некоја природна непогода – рече Арсовска.

Таа ги повика присутните и вработените во ИЗИС да направат сè што сметаат и што можат за во град Скопје да не се развива урбаната мафија, затоа што како што речем според анализите што ги направиле во Град Скопје дошле до заклучок дека има детални урбанистички планови кои сакаат шверцерски да се протнат низ институциите.

Затоа повикувам да зборувате гласно, да ја дадете својата експертиза секаде каде што е неопходно – додаде Арсовска.

Покрај претседателот Пендаровски и градоначалничката Арсовска, на настанот се обратија и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир, претставникот на УНДП Армен Григоријан, ректорот на УКИМ проф д-р Никола Јанкуловски и директорот на ИЗИИС проф. д-р Влатко Шешов.

По официјалниот дел се одржаа и видео презентации со факти за скопскиот земјотрес, но и за придонесот на ИЗИИС во обновата и реконструкцијата на Скопје, како и панел дискусија со домашни професори и експерти.

АКТУЕЛНО