Search
Search

ПИСА 2022: KОВИД-19 го зема данокот во образованието, Македонија не е исклучок

Македонските ученици постигнаа пониски резултати од просекот на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој) на меѓународното ПИСА-тестирање во сите три полиња – читање, математика и наука, покажа најновиот извештај за 2022 година. Меѓутоа пад се забележува и во повеќето земји на ОЕЦД.

Просечните резултати за минатата година се полоши од оние во 2018 година во сите три тестирани полиња. Сепак, покрај неодамнешниот пад, резултатите по математика за 2022 година се подобри од оние во 2015 година.

„Негативните последици од пандемијата со Ковид 19 врз квалитетот на образованието во глобални размери ги потврди и меѓународната ПИСА студија што беше спроведена во 2022 година. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги објави резултатите од ова последно меѓународно тестирање, кои покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15 годишна возраст во речиси сите држави учеснички“, се вели во соопштението на Македонското министерство за наука.

Пад има и во една Финска, која е препозната по образовниот систем

Според финските власти просечниот резултат на поени во математичката писменост падна во дури 41 споредлива земја или економија, од кои 35 се земји на ОЕЦД. Меѓу земјите на ОЕЦД, перформансите на учениците се подобрија само во Јапонија и Кореја. Пандемијата на КОВИД-19, велат финските власти, ја принуди ПИСА да се одложи за една година и ги погоди учениците-учесници во текот на нивното средно образование, барем индиректно ако не поинаку.

Според нив за прв пат, многу земји исто така се мачеа да ги исполнат стандардите на ПИСА за земање примероци или стапка на одговор. Ова значи дека ниту стапката на одговор на ниво на училиште или на ниво на ученици не ги исполниле стандардите поставени за проценките на ПИСА.

Во ПИСА 2022 година, финските млади луѓе на возраст од 15 години постигнаа просечен резултат од 484 поени во математичката писменост, во споредба со просекот на ОЕЦД од 472 поени. Земја со најдобри резултати во математиката беше Сингапур (575 поени), следен од другите земји и економии од Источна Азија. Естонија, Швајцарија, Канада, Холандија и Ирска исто така се рангирани повисоко од Финска. Финска беше меѓу 11-те земји каде перформансите беа над просекот на ОЕЦД и не се разликуваа статистички значајно меѓу земјите. Меѓу овие земји беа и Данска, Латвија и Шведска.

Исмаили: Ни треба вистинска образовна стратегија во нашата земја

Според експертот за образовни прашања Сатки Исмаили резултатите од ПИСА тестот се очекувани во Македонија. Тој за Градска.мк вели дека ние што добро ги познаваме образовните услови во Република Северна Македонија, овие резултати покажуваат дека земјата заостанува во квалитетот на образованието, особено во основното образование по природни науки, математика и јазици.

„Постојано се забележува дека, ова е четврто тестирање на ПИСА што се одржува, сакале да го прифатиме или не, резултатите се загрижувачки. Тоа не е само како резултат на пандемијата во 2019 година, туку како резултат на нискиот квалитет за кој сите сме одговорни: наставниците, концептите на наставата, промените, реформите во образованието, реформите што се случуваат и слично“.

Исмаили кажува дека за да се подобрат нештата во образованието мора експертите од областа да се нафатат за работа на подолг период.

„Ни треба вистинска образовна стратегија во нашата земја. Стратегија работена од експерти, а не од луѓе од политиката кои се таму одредено време и потоа заминуваат. Тие мора да бидат експерти од областа на образованието, експерти кои ќе работат подолг период стратегиски и кои што ќе сносат одговорност а не луѓе кои нè доведуваат до оваа ситуација а жртви на сите овие резултати се учениците, идните генерации каде што ова ќе го почуствуваат и пазарот на трудот и општеството во целина“.

Од вкупно 81 држави, провинции и територии кои беа вклучени во минатогодишното тестирање, Северна Македонија се најде на 62 место во математика, на 72 место во читање и на 69 место по наука. Учениците по математика имале просечни 389 поени (просекот на ОЕЦД изнесува 472), по читање забележале 389 поени (просек на ОЕЦД е 476), а по наука постигнале 380 поени (просек на ОЕЦД е 489 поени).

Во споредба со регионот 15-годишниците од земјава биле единствено подобри од нивните врсници во Косово и Албанија, додека се наоѓаат далеку зад учениците од Словенија и Хрватска, кои предничат во окружувањето според резултатите на ПИСА 2022.

ПИСА е најголемото меѓународно истражување во образованието во кое Македонија е вклучена по четврти пат. Земјава беше дел од тестирањето и во 2015, 2018 и 2000 година. Со последното тестирање спроведено во април и мај 2022 година низ 111 средни училишта во државата биле опфатени вкупно 6.610 ученици на 15-годишна возраст. А тестирањето се одвивало на македонски и албански јазик.

Назми Абдурахмани

АКТУЕЛНО