„Писмо” од Горан на скопски билборд

 

Дали тие што ја избрале мислата на Горан Стефановски за голем билборд имаат намера да се фалат со неа себеси или да му изразат заслужена почит нему, како на вистински македонски и европски писател? Пишува Кица Колбе.

Во кусиот престој во Скопје пред една недела, неколкупати на еден голем билборд прочитав цитат од Горан Стефановски. Иако не ги сакам пораките од билбордите, ме трогна што токму Горановата мисла ме пресретнуваше неколкупати додека шетав низ центарот на Скопје. Чудно, не го гледав во истиот миг и него на улиците во Скопје. Како и јас, така и Горан не би се чувствувал пријатно во ова Скопје. Тој навистина би се чувствувал како неговиот Одисеј во Македонија-Итака. Сепак, секогаш кога ќе ја прочитав реченицата на билбордот, ја доживував како загадочно „писмо” од Горан токму за мене. За да ме потсети дека своите собрани дела во ПДФ-формат ми ги испрати две години пред да почине, со забелешката: „да ти се најдат!” Затоа додека ја читав неговата порака среде Скопје, качена високо на билбордот, небаре беше слетала од небото, се засрамив и се натажив. Се сетив дека одамна не сум ги препрочитала неговите драми. И не сум напишала нешто ново за него. Иако таа забелешка во меилот со собраните дела, „да ти се најдат”, уште во истиот миг ја разбрав и како „завет”.

Со тага ја гледав хаотичната слика на скопскиот центар и си признав дека пребрзо ги забораваме починатите. Да не беше така, тогаш пораката на билбордот ќе беше од Министерството за култура или од Факултетот за драмски уметности, каде што Горан многу години предаваше. Билбордот не беше ниту пред влезот на некој од театрите во кои порано се изведуваа неговите драми. Под мислата на Горан дека „ни треба востание на визија”, ми падна в очи само името на една голема телекомуникациска фирма. Беше ли Горановата мисла реклама за таа фирма? Или реклама на некоја македонска партија? Се прашав, знаејќи дека наскоро ќе започне кампањата за претседателските избори. Во Македонија денес многумина повторуваат дека се за европска Македонија, небаре таа Македонија во која тоа го изговараат не и‘ припаѓала на Европа. А Горан пишуваше во таа Македонија, која сега пропаѓа во хаос и распад на сите вредности, небаре беше во Лондон или во Париз. Затоа се прашувам дали тие што ја избрале мислата на Горан за голем билборд имаат намера да се фалат со неа себеси или да му изразат заслужена почит нему, како на вистински македонски и европски писател?

 

Во постојан дијалог со „своите Македонци“

Да беше Македонија вистински европска земја, разбирливо ќе беше во една од погоре во текстов споменатите културни институции да се одржеше во овие неколку години од смртта на Горан Стефановски симпозиум за тоа што тој им кажува со своите дела на Македонците. Од првата своја драма Горан беше во постојан дијалог не само со македонското минато, туку, пред се‘, со своите Македонци. Впрочем, тој сето свое творештво го создаде на македонски. Не само додека пишуваше во Скопје, но и кога се пресели во Англија, во Кентербери, тој беше во непрекинат творечки и личен дијалог со Македонија. Не знам дали има друг македонски творец кој толку ја сакаше Македонија како што ја сакаше Горан. Притоа неговото творештво е, во исто време, и македонски дијалог со сиот свет. Тој милуваше да каже дека ние треба да му ја раскажеме на светот „нашата приказна”, но на тој начин што ќе ја запишеме небаре ја раскажуваме само за нас. Кога еднаш го прашав зошто не пишува на англиски, тој само се насмеа и ми рече дека нема што да и‘ каже на Англија. Навистина, тој секогаш им говореше, пред се‘, на своите Македонци.

Прочитајте повеќе на Дојче Веле

АКТУЕЛНО

Поврзани објави