Search
Search
Фото/Социјални мрежи

Почнува реставрација на манстирот во Матејче

Почнува реставрацијата и реконструкција на црквата во манастирот во село Матејче – општина Липково, објави денеска пратеникот во Собранието, Мартин Костовски на социјалните мрежи.

– Со средства од Владата и Министерството за култура ветеното станува реалност, да сјае повторно овој бисер на православието. Со искрена политика на соживот, со квалитетни политики се надевам во блиска иднина ќе успееме да изградиме и пат до манастирот и повторно на викенд сите кумановци во Матејче, напиша Костовски.

Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.

Според некои записи стои дека во Втората светска војна во олтарот на црквата имало капеличка која потекнувала од 12 век. Црквата е реставрирана во повеќе наврати во 1934, 1953 и 1960 година по еден подолг временски период кога била под урнатини. Оваа црква е најрепрезентативниот споменик на византиската уметност на македонската почва од македонски стил и ремек-дело на дворскиот стил којшто бил карактеристичен за епохата на Палеолозите. Самата црква не отстапува значително од традиционалната форма на црковните градби од времето од околу средината на 14 век. Се одликува со импозантни димензии и монументалноста на самата архитектонска конструкција, компактност на просторниот распоред со што се постигнува единство на складни и хармонични архитектонски форми. Според богатството на претставените теми и широчината на остварената концепција може да се каже дека се надминати многу постари дела на средновековната уметност на целата балканска територија.

АКТУЕЛНО