Search
Search

Прекината седницата за советнички прашања – Арсовска не се појави, не и одговарал датумот

Седницата на Советот на Град Скопје посветена на поставување советнички прашања, која требаше денеска да се одржи е прекината и одложена затоа што градоначалничката Данела Арсовска пред почетокот на седницата испратила известувања дека нема да присуствува на седницата.

Најпрво, тоа беше повод седницата да ја напушти советничката група на коалицијата предводена од СДСМ. Координаторката Љубица Јанчева посочи дека не е првпат Арсовска да не го почитува Советот и да не одговара на советнички прашања.

-Арсовска вели – јас работам чесно, принципиелно и одговорно. Градоначалничке колку сте чесна , одговорна и принципиелна кога на седница нѐ навредувате, не ни одговарате на прашањата и не присуствувате на седницата на советнички прашања. Одговорот не до мене, упатете го до граѓаните – рече Јанчева.

Претседателот на Советот Трајко Славески објасни дека образложението на Арсовска за неприсуство на седницата било дека не бил координиран датумот за поставување советнички прашања, што според него е неприфатливо, затоа што датумот за седницата бил навестен пред еден месец, а поканата за седницата била испратена уште на 14 или 15 јуни, па Арсовска имала доволно време да си го приспособи календарот, па затоа нема никакво оправдување за нејзиното отсуство.

И Марија Андоновска, координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата посочи дека досега немаат одговор на ниедно прашање кое тие го поставуваат во името на скопјани и ја обвини Арсовска дека ѝ е поважно да шета некаде низ светот за свои лични интереси за што исто ќе треба да даде одговор – што имаат скопјани од тоа?

За што се трошат парите на скопјани на патувања на Арсовска и за екипата околу неа, што бенефит имаат од тие нејзини патувања? И зошто тие патувања ѝ се поважни од одговарање на прашањата и работата во градот Скопје. Во Скопје сѐ уште не се случува ништо, полошо никогаш не било. Таа сака да го прави ова и мисли ќе успее до крајот на мандатот да не одговори на ниедно советничко прашање. Данела Арсовска, скопјани те прашуваат каде си во моментов и што е поважно од Град Скопје и од скопјани? – рече Андоновска и побара одложување на седницата додека не се обезбеди присуство на градоначалничката и додека не се обезбедат одговори на сите прашања кои ги засегаат скопјани.

Седницата потоа беше прекината, откако по заминувањето на советниците од СДСМ, немаше кворум за работа.

 

АКТУЕЛНО