Search
Search

Протести во Грција поради компаниите кои изнајмуваат лежалки на плажите

Таканареченото „Движење на пешкири“, односно протестите на локалните жители во Грција кои демонстрираат против угостителите и компаниите кои заземаат простор на плажите со лежалки, се прошири од популарниот туристички остров Парос на други острови и плажи низ Грција.

„Локалните жители уживаат во мирот овде, па не сакаме плажата да ја заземат компании кои се грижат за парите, а не за природата и атмосферата. Не сакаме плажата да биде окупирана од чадори и огромни, навистина огромни кревети кои немаат врска со едноставноста на островот“, изјави еден од учесниците на движењето Ронит Нешер од Парос.

Плажите во Грција се јавен простор, но се поголем број компании добиваат дозволи за изнајмување лежалки и чадори на нив, кои ги поставуваат покрај еден дел од плажата.

„Плажите беа толку полни со мебел што многу луѓе кои не сакаат да седат на кревет или на стол немаат друго место за сончање“, рече една од организаторите на движењето, Елени Адријанопулу.

Демонстрантите велат дека цените за две лежалки и чадор честопати достигнуваат 100 евра на ден, и дека во многу случаи компаниите се шират далеку вон договорената површина на плажата, оставајќи малку простор за оние кои сакаат да стават пешкир и да се сончаат бесплатно.

„Доаѓаме овде мирно. Само сакаме да ве известиме дека се обидуваме да го вратиме нашето право на слободен пристап до нашите плажи“, рече еден демонстрант преку разглас додека шеташе низ редовите лежалки на плажата Марчело на Парос.

 

АКТУЕЛНО