Search
Search

Првите автомобили биле донесени во Скопје во 1911 година

Првото парно возило со сопствен погон било измислено при крајот на 17-тиот век од Фламанскиот свештеник Фердинант Вербист во 1678 кој го демонстрирал својот парен автомобил. Овој автомобил бил направен за кинескиот цар.

Од тогаш па се‘ до крајот на 19- тиот век настанала вистинска автомобилска револуција. Во голем број земји се измислувале автомобили, почнале да се градат огромни автомобилски фабрики, продажбата растела со невидена брзина…

Во 20- тиот век веќе поголемиот дел од светот бил во знакот на автомобилите, се случија фантастични иновации, нови модели, брендови и трка по профит, а денес е незамисливо без ова превозно сретство.

Се разбира, со новата технологија секојдневно се презентираат и нови автомобилски достигнувања, па сега очекуваме да започне и производство на долго најавуваните летечки автомобили.

Ние за жал не успеавме како земја да произведеме автомобил, автентичен и македонски. Се шпекулираше едно време дека имало обиди и дека таков автомобил бил измислен и произведен во 1959 година во фабриката за автобуси ФАС 11 Октомври, но сето тоа до сега не е потврдено.

Но, не сме заостанале премногу од светот. Првиот автомобил во Македонија од марката Ford Model F се појавува во Битола во 1905 година.

Иако се јавил нешто подоцна, автомобилскиот сообраќај во Скопје доживеал незапирлив развој.

Автомобилите биле најретки бидејќи подоцна се вклучиле во сообраќај. Првите автомобили “Рено” и “Форд” во Скопје биле донесени во 1911 година.

Цивилните власти во Скопје се заложиле за користење на извесен број возила што биле употребувани на Солунскиот фронт. Во 1920 година Одборот на Скопската општина донел одлука за аплата на такса за секој автомобил по 50 динари месечно.

Први сопственици на автомобили во Скопје биле индустријалци, трговци и лекари. Тоа биле: сопственикот на фабриката за сапун “Аеро”, Стојан Стојановиќ, сопствениците на бензинската пумпа “Shell” Петрови, трговците Дича Филота, браќата Димитријевиќ и др.

Со зголемувањето на бројот на автомобилите во Скопје, неопходно било отворање на бензински пумпи. Во 1927 година на плоштадот била отворена бензинската пумпа “Shell”. Покрај оваа имало уште една пумпа на”Shell”, а две пумпи во Старата чаршија кои биле  сопственост на фамилијата Петрови, имале лиценцно право на Standard Oil Company. Пумпите биле рачни, а во визбите имале резервоари од каде што се црпел бензинот.

Од пумпите најчесто се точел бензин во шишиња од 5 литри или во канти, а можело и со инка директно да се точи во автомобил. Еден литар бензин чинел 7,5 динари. Михо Петров, еден од сопствениците на бензинска пумпа, памети дека најчести муштерии биле автотаксистите кои стоеле на станицата кај денешна ДТЦ “Мавровка” и најголем број од нив биле Турци. Таксито во Скопје датира од 1924 година. Покрај горенаведената станица, таксистите стоеле и на плоштадот “Крал Петар”, на улицата кај Кејот “13 Октомври” и кај Споменикот на паднатите борци. Прв таксист во Скопје бил Ѓорѓи Поповиќ.

Најстрого било забрането возење на автомобили низ град побрзо од 10 км на час, а возачите требале со труба да свирнат кога преминувале од една на друга улица, кога доаѓале на раскрсница или преоѓале преку мост, за жандармите и минувачите да знаат во кој правец се движат автомобилите. Ако оделе напред-свирнувале еднаш, лево-трипати и десно-двапати. Оние кои не се придружувале кон овие правила биле казнувани со 150 динари казна или 20 дена затвор.

Во Скопје, пред 1930 година, биле воведени сообраќајни знаци, а во 1929 година се започнало со калдрмисување на некои улици со ситни коцки. Најнапред биле калдрмисани со ситна базалтна коцка оние улици во центарот кои воделе до плоштадот, со што овој дел од градот станал попристапен.

Сето ова придонело за осовременување на автомобилскиот сообраќај. Според податоци од 1932 година, во Скопје имало 96 автомобили кои можеле да се купат во салоните за автомобили на брака Поповиќ, Асео Сабатаи и на Ментеш Колономос.

Во 1936 год. била отворена првата сервисна гаража на Браќата Поповиќ.

Според податоците кои се среќаваат во “Службен лист на Вардарска Бановина” од  19.12.1935 год., во Скопје биле регистрирани 124 патнички автомобили, 24 товарни возила, 25 мотоцикли, 1300 велосипеди и 110 пајтони

 
 
 
 
 

АКТУЕЛНО