Search
Search

Пукање на Филозофскиот факултет во Прага: Над 15 загинати, меѓу нив и напаѓачот

Повеќе од 15 луѓе ги загубија животите, вклучувајќи го и напаѓачот, во пукотницата во зградата на Филозофскиот факултет на Универзитетот Карлов во центарот на Прага на 21 декември, изјави на прес-конференција директорот на чешката полиција Мартин Вондрашек. Уште 24 лица се ранети.

„На 21 декември во 12.20 часот полицијата добила информација дека 24-годишен маж требало да го напушти селото Хостоун кон Прага, велејќи дека сака да си го одземе животот. Пронајден е мртов маж во селото од кое заминал. Тој е татко на напаѓачот“, рече началникот на полицијата.

Полицијата се уште е во зградата на факултетот и утврдува дали има уште забарикадирани, ранети или убиени.

Според директорот на чешката полиција Вондрашек, „напаѓачот не бил инспириран од настани од странство“.

Полицијата објави дека напаѓачот е убиен.

Полицијата апелираше граѓаните да не се задржуваат во непосредна близина на местото на настанот и да не излегуваат од своите домови.

Во соопштението се додава и дека полицијата е распоредена на плоштадот Јан Палах, како и во околната област. Филозофскиот факултет кој е дел од Карловиот Универзитет се наоѓа на околу 500 метри од Карловиот мост.

Полицијата била повикана околу 15 часот, а медиумите пренесуваат дека во тоа време во Универзитетот се одржувал божиќен концерт.

„Не движете се никаде, ако сте во канцелариите, заклучете ги и ставете мебел пред вратите, исклучете ги светлата“, стои во пораката упатена од страна на Филозофскиот факултет при Карловиот Универзитет, во која Ројтерс имале увид.

Министерот за внатрешни работи Вит Ракусан, за државната чешка телевизија изјави дека „не е потврден ниту еден друг напаѓач“, а ги повика и луѓето да ги следат инструкциите кои ги добиваат од полицијата.

Јан Липавски, чешкиот министер за надворешни работи, рече дека е „потресен од страшниот настан на Филозофскиот факултет на Карловиот Универзитет“.

„Сочувство до семејствата на жртвите. Моите мисли се со повредените, нивните семејства, учениците и сите кои се погодени од овој ужасен чин“, додаде тој.

Бохуслав Свобода, градоначалникот на Прага, соопшти дека е „потполно шокиран со она што се случило на Филозофскиот факултет во Прага“.

Претседателката на Европската комисија изрази сочувство до чешкиот народ.

„Шокирана сум од ова бесмислено насилство и пукање кое денеска во Прага однесе неколку животи“, напиша Урсула Фон Дер Лајен. Злосторствата со огнено оружје се релативно ретки во Чешка. Во декември 2019 година, 42-годишен вооружен маж уби шест лица во чекална во болница во источниот чешки град Острава, пред да побегне и да се застрела.

Во 2015 година, маж уби осум луѓе, а потоа се самоуби во ресторан во градот Ухерски Брод. /Радио слободна европа/

 

АКТУЕЛНО