Search
Search

Re: Store – Центар за рестилизирање на стари модни парчиња

Во Културно едукативниот центар „Лабораториум“ денеска повторно ќе биде отворен Re: store, центарот за рестилизирање на стари модни парчиња.

Re: store ја започна својата приказна во скопското Дебар маало во 2012 година, со мисија да го дефинира концептот на продажба на употребена облека и да биде креативен простор за редизајнирање на дизајнерска облека, но и да понуди платформа за младите македонски дизајнери.

– Денес, во средина каде доминира „fast fashion“, Re: store повторно нуди алтернатива која во исто време е стилска и одржлива. Како надополнување на “Лаб дизајн маркетот“, Re: store ќе работи во насока да придонесе свесност во консумирањето поткрепено со верувањето дека модата треба да биде начин на изразување, а не придонес за формирање депонии, велат од „Лабораториум“.

Како што дополнуваат со избор на уникатни парчиња од втора рака, всушност се избира намалување на побарувачката за ново производство, а со секое продадено парче, Re: store промовира циклус на повторна употреба што поддржува бавна мода и еколошка свест.

Re: store ќе работи во склоп на „Лаб дизајн маркет“, од вторник до сабота од 12 до 18 часот во Културно едукативниот центар „Лабораториум“, на булевар Св. Климент Охридски 68, Скопје.

АКТУЕЛНО