Search
Search
ФОТО: Соња Лукаревска од ФБ профил

Речиси 20 илјади работници не зеле плата за ноември

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, информираше дека речиси 10 илјади работодавци не исплатиле плати за ноември, за околу 20 илјади работници.

– Поднесени се конечни пресметки од 60.400 работодавци што се однесуваат на 535.636 вработени. Оттука, прифатени неисплатени конечни пресметки се однесуваат на 4.441 работодавец за 10.921 вработено лице. А, има неподнесени и неприфатени пресметки за 5.534 работодавци, кои се однесуваат на 9.680 вработени лица – изјави Лукаревска.

Во споредба со октомври, кога имало 541.467, бројот на вработени е намален за 6 илјади.

Како што изјави претходно директорката на УЈП, Лукаревска, во иднина ќе се стави одредба во Законот за даночна постапка со која ќе може да се објават јавно оние компании што не им исплаќаат плати на своите вработени.

Таа додаде дека, по празниците, УЈП ќе излезе со информација за компании од нафтениот бизнис што затајувале данок.

Лукаревска изјави дека треба да заврши пописот на уште една бензинска пумпа и дека станува збор за мрежа во која се вклучени и три добро познати бензински пумпи од различни региони во државава.

АКТУЕЛНО