Search
Search

САД ја спроведоа својата прва хуманитарна помош од воздух во појасот Газа

Соединетите Американски Држави ја спроведоа првата хуманитарна помош за Газа, со повеќе од 30.000 оброци поделени со падобрани со три воени авиони, пишува Би-би-си.

Операцијата, спроведена заедно со воздухопловните сили на Јордан, беше првата од многуте што ги најави претседателот Џо Бајден.

Првото американско воздушно пуштање на хуманитарна помош доаѓа откако висок американски функционер изјави дека рамката на договорот за шестнеделен прекин на огнот во Газа е воспоставена.

Официјалниот претставник на администрацијата на Бајден рече дека Израел „повеќе или помалку го прифатил“ договорот.

Посредниците треба повторно да се состанат денеска во Каиро, а египетските власти соопштија дека се очекува да пристигнат делегации и од Хамас и од Израел за преговорите.

Официјален претставник вели дека одредени технички прашања околу евентуалниот договор сè уште треба да се решат, како на пример колку палестински затвореници ќе бидат ослободени од Израел во замена за заложниците кои ги држи Хамас.

Вчера со транспортни авиони  фрлени се повеќе од 38.000 оброци долж брегот на Газа, се вели во соопштението на американската Централна команда.

„Овие воздушни фрлања се дел од постојаните напори да се дојде до поголема помош во Газа, вклучително и преку проширување на протокот на помош низ копнените коридори и рути“, се додава.

Други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција, Египет и Јордан, претходно испратија помош во Газа, но ова е прва од страна на САД.

Претставници на американската администрација велат дека „трагичниот инцидент“ во четвртокот  во кој загинаа 112 Палестинци чекајќи во ред за хуманитарна помош ја истакнува важноста од проширување и одржување на протокот на хуманитарна помош во Газа како одговор на страшната хуманитарна ситуација.

АКТУЕЛНО