Search
Search

Се подготвува теренот за 17-катницата во Карпош, има ли инвеститорот дозвола за градба?

Од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, пак, велат дека во Општината нема заведено одобрение за градење ниту одобрение за подготвителни работи, по што поднеле пријава до градежен инспектор да излезе на терен и да види дали се работи без дозвола. Досега нема одговор од Општина Карпош дали веќе се издадени потребните дозволи.

Просторот зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ и поликлиниката „Букурешт“ каде што треба да се гради 17-катница веќе е ограден и се расчистува, па наскоро се очекува да почне изградбата. Деновиве граѓанските здруженија жестоко реагираа укажувајќи на сите неправилности околу оваа изградба и со барање институциите да постапат и да не се дозволи на овој простор да никне планираната висококатница.

Од „02 иницијативата“ апелираат итно да се поништи конзерваторско мислење и посочуваат дека ниту една институција нема донесено одлука во врска со поднесените претставки за запирање на извршување на позитивното конзерваторско мислење кое сѐ уште е на сила иако е издадено од поранешниот директор на НУ Конзерваторски центар-Скопје, кој е во домашен притвор како соучесник во злосторничко здружение за уривањето на хотелот „Шар ан“.

Оттаму бараат сегашната директорка на Конзерваторски центар, Љиљана Китановска, да се заложи да се стави во сила првичното издадено негативно конзерваторско мислење за овој објект и да го прогласи за ништовно сегашното позитивно. Тие сметаат дека во конзервативното мислење не се воопшто наведени режимите на заштита за градежната парцела.

Фото: О2 иницијатива

 Северниот дел на градежната парцела со површина од околу 1.690 м² влегува во границите на Споменикот – Воена болница и има втор степен на заштита, што подразбира нови објекти со габарит и катност приспособени на вредностите и значењето на доброто, изведување на сите интервенции според конзерваторски проекти каде треба да се почитува и доминантната класа на намени В – Јавни институции, утврдена со ГУП на град Скопје 2012-2022. За овој дел потребно е обезбедување конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, како услов за издавање на одобрение за градење – прецизираат од „О2 иницијатива.

За вториот дел од парцелата за јужниот дел, којшто е со површина од околу 2.880 м² и има режим на заштита од трет степен, услов за издавање одобрение за градење е да се обезбеди мислење од НУ Конзерваторски центар.

Овие два различни делови од градежната парцела имаат различен режим на заштита, а објектот истовремено треба да се гради и во границите на Споменикот – Воена болница во Скопје и во границите на неговата Контактна зона, за што се водат различни постапки за одобрување и во ваков случај Конзерваторски Центар – Скопје не смеел никако да издаде позитивно конзерваторско мислење – велат од Иницијативата.

И од Левица денеска реагираа дека објектот добил невалидно позитивно конзерваторско одобрение за градба, на парцела која се наоѓа во заштитено подрачје, но укажаа уште на еден според момент во врска со предвидената изградба, а тоа е близината до бензинската станица, но и на фактот дека целото решение ќе доведе до урбанистички хаос во овој дел на населбата.

Советот на Општина Карпош изгласа одлука за стопирање и ревизија на овој план, но градежните моќници останаа глуви на сите повици на Левица, граѓанските здруженија и жителите на Карпош, за прекин на изградбата. Градоначалникот Јакимовски, ја занемари волјата на Советот и дозволи парцелизација на земјиштето, со што ја отвори можноста за реализација на планот – велат од Левица.

Фотомонтажа: Левица – Карпош

Од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, пак, велат дека во Општината нема заведено одобрение за градење ниту одобрение за подготвителни работи, по што поднеле пријава до градежен инспектор да излезе на терен и да види дали се работи без дозвола.

Свесни сме дека градоначалникот многу добро знае дека се води постапка и на кој начин е добиено позитивното конзерваторско решение кое е тотално нелигитимно бидејќи е изготвено спротивно од правилник, со потпис на човек што во моментот е притворен за злоупотреба на службена положба. Давање одобрение за градење ќе ја доведе општината повторно во судски процеси за плаќање отштети и повторно ние ќе бидеме виновни за откривање и посочување криминални дејства, кои го загрозуваа културното наследство, безбедноста и правото на хуман живот на жителите на општина Карпош – посочуваат од „Независни за Карпош – за заштита на Карпош“.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски пред неколку месеци го одобрил Урбанистичкиот проект поднесен од Друштвото за проектирање, ревизија и надзор „Зум проект“ од Скопје, за изградба на градежната парцела 6.1 во рамките на ДУП Градска четврт 3 05, во сопственост на фирмата „Делта 2015 констракшн“. Инвеститор е фирмата ЗСФ КОМ на Фатмир Етеми.

Советот на Општина Карпош минатата година донесе одлука со која ги задолжи градоначалникот и Општината да запрат со издавање градежни дозволи, но и да почнат постапка за ревизија на ДУП за Градска четврт З 05 блок 08, поточно за делот каде е предвидена висококатницата. Јакимовски уште тогаш изјави дека одлуката нема да биде објавена во „Службен гласник“.

 Не може да се носи одлука спротивна на закон. Концепција на советниците е да се оневозможи да се донесе ниту еден план. Карпош во моментов како да е во 1945 година, без урбанистички планови, а тоа значи дека луѓето не можат ниту да надградат ниту, пак, да доградат. Станува збор за сериозен проблем – рече Јакимовски.

Досега нема одговор од Општина Карпош дали веќе се издадени дозволите за градење и за подготвителни работи за градба.

 

АКТУЕЛНО