Search
Search
Фото: АРХИВА

Се запали автобус на ЈСП, во моментот бил без патници

Автобус на ЈСП денеска се запалил на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Општина Бутел, а во моментот кога се запалил, немало патници.

Автобусот, како што вели директорот на ЈСП Драги Кушовски, прво се расипал, по што била повикана сервисна служба од Претпријатието, но додека таа да стигне возилото се запалило.

Според неофицијалните информации, до запалување на автобусот дошло поради неисправна електрична инсталација.

Директорот вели дека случајот го истражува МВР и оти треба да се почека официјалниот извештај за причината за запалување на автобусот.

И од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје потврдуваат дека интервенирале со едно возило и го изгаснале пожарот на запалениот автобус на ЈСП на крстосницата на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ и улицата „Ферид Бајрам“ во населбата Бутел.

Автобусот што денеска изгоре е од обичните, едноспратни, што беа донесени од Украина.

Инаку, ова е втор автобус на ЈСП „Скопје“ што се запали во последниве десетина дена. Пред девет дена автобус се запали и кај Железничката станица во Скопје. Според првичните информации, пожарот избил во задниот дел кај моторот, по што веднаш била повикана Противпожарна бригада.

Денешниот инцидент е трет во текот на овој месец со возило на ЈСП. На 8 јули двокатен автобус на ЈСП удри и се качи на жардиниера на раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ и Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ во скопски Центар. Возачот тогаш јавно се пожали дека возилото било неисправно, а од синдикатот обвинија дека од депото се пуштаат технички неисправни возила, со потпис и печат дека се исправни.

 

АКТУЕЛНО