Search
Search

„Шепасти ентузијасти“ градат прифатилиште за 53 улични кучиња згрижени во пансиони

 
 

Не сакаме да ги оставиме, бидејќи и досега се грижевме за нив, а имаме многу долгови. Помал процент од нив се и болни и веќе примаат терапија и бавно се лекуваат. Од друга страна, во пансионите, животните времето го поминуваат во кафези, а ние сакаме да се грижиме за нив, да им пружиме љубов, да се движат, да можат да прошетаат, да имаат контакт со луѓе – вели Габриела Марковска од  здружението за заштита на животни „Шепасти ентузијасти“. Прифатилиштето го прави здружението на сопствен трошок, за што подигнале кредит на име на физичко лице кој ќе го исплаќаат на период од 10 години. Од тој кредит ќе се исплатат и ветеринарните долгови.

За 53 улични кучиња кои здружението за заштита на животни  „Шепасти ентузијасти“ не успеало да ги вдоми, а моментално се згрижени во пансиони за миленици, ќе се гради прифатилиште за животни во околината на Скопје.

– За почеток целта е да ги скратиме трошоците и да се префрлат 53 кучиња, кои не се вдомени, а кои се згрижени во пансиони. Не сакаме да ги оставиме, бидејќи и досега се грижевме за нив, а имаме многу долгови. Помал процент од нив се и болни и веќе примаат терапија и бавно се лекуваат. Од друга страна, во пансионите, животните времето го поминуваат во кафези, а ние сакаме да се грижиме за нив, да им пружиме љубов, да се движат, да можат да прошетаат, да имаат контакт со луѓе – вели Габриела Марковска од „Шепасти ентузијасти“.

Таа објасни дека прифатилиштето го прави здружението на сопствен трошок, за што подигнале кредит на име на физичко лице кој ќе го исплаќаат на период од 10 години. Од тој кредит ќе се исплатат и ветеринарните долгови.

– Се решивме на ова бидејќи во последно време има многу малку донации – нагласи Марковска.

Марковска информираше дека во прифатилиштето ќе има 10 до 12 бокса, а ќе бидат направени и одделни куќарки.

– Изнајмениот плац на кој ќе се прави прифатилиштето е основната база, во перспектива да прерасне во нешто малку поинакво од она што досега сме го виделе. Во моментов се местат цевките за одвод и довод. Се прави така што, да може подоцна лесно да се надгради. Даваме сè од себе и настојуваме да го решиме проблемот со бездомните кучиња. Не сме тие на кои луѓето треба да бидат гневни – вели Марковска. 

Идејата е одржувањето на прифатилиштето да биде преку донации на храна, ќебиња и друга потребна опрема за животните, да има еден вработен што ќе се грижи за кучињата претпладне, а попладне обврските ќе ги преземаат волонтерите од здружението. Ќе биде ангажиран и ветеринар задолжен за здравјето на животните. Марковска вели дека очекуваат прифатилиштето да биде готово до средината на септември.

Од здружението се надеваат на помош од граѓани, но и од сите останати, затоа што како што вели Марковска: „Пријатели сме им на сите граѓани, дури и на оние кои не ги сакаат животните, затоа што целта ни е иста, да ги тргнеме кучињата од улица!“.

Во Скопје, освен ова, што во моментов се гради, функционира уште едно прифатилиште „Хепи шелтер“ во Чаир, кое е исто отворено како приватна иницијатива на неколку вљубеници во животните.

Извот: Вечер

АКТУЕЛНО