Шест опасни кучиња заловени од „Лајка“ со „амин“ на инспекторите вратени на сопствениците

Од „Анима Мунди“ нагласуваат дека ниту АХВ ниту МВР не увиделе потреба ниту за одземање на животните, ниту за мандаторна стерилизација. Иако кучињата кои се чуваат на јавна површина имаат сила со еден загриз да убијат животно и човек, инспекторите не препознале елементи на јавна опасност, ниту индиции за постоење дива одгледувачница.

Неколку опасни кучиња, питбули и кангал, кои во Македонија  се користат за незаконски борби до смрт, биле заловени од ЈП „Лајка“, но со дозвола на инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство и од МВР повторно им биле вратени на сопствениците, кои притоа биле казнети само со глоба од околу 200 евра. Тие сега повторно се стационирани на  просторот зад Музејот на современа уметност, нестерилизирани, што значи дека и понатаму неконтролирано ќе се размножуваат.

За случајот информираа од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, чија долгогодишна активистка е актуелната директорка на „Лајка“, Радмила Пешева, посочувајќи дека ова е само една скица на системот кој колабира, радикален фрапантен случај и одговор на прашањето зошто имаме безредие, организиран криминал, напади од животни, бездомни кучиња, па потоа и убивање животни.

За кучињата од ваков вид, како што се питбули и кангали, во земјите на ЕУ постои или забрана за одгледување поради нивните физички предизпозиции и сила, но и поради нивните злоупотреби и страдање на кое се изложени, или пак строго се дефинирани правила на чување. Тоа подразбира одредена возраст на сопственикот, неосудуваност, помината обука за чување ваков вид кучиња, строго одредени безбедносни предслови за чување и шетање, како и задолжителна стерилизација.

Фото: Анима Мунди

Петте женки и мажјакот, сите во полна сила, кај Музејот на современа уметност биле чувани, а и сега се чуваат на диво, на јавен простор, а едното било пронајдено со тегови околу вратот. Ниту едно од нив не е стерилизирано, што, како што велат од „Анима Мунди“ укажува дека се користат за расплод.

ЈП „Лајка“ постапи и ги залови, повикани беа инспектори на АХВ и МВР и иако ЈП „Лајка“ инсистираше на стерилизација и одземање на сите, укажувајќи дека ова се најексполатирани животни, сопствениците добија амин од АХВ и МВР да се вратат, излезат од стационар нестерилизирани назад, и одговараат со глоба околу 200 евра. Внимавајте – прогресијата на само една женка и нејзините легла, за пет години може да достигне и до 60 000 кучиња, во овој случај 5 женки од раси на кои ништо добро не им се пишува, без евиденција каде и за што ќе завршат, но со најава за црна прогноза – посочуваат од здружението.

Оттаму нагласуваат дека ниту АХВ ниту МВР не увиделе потреба ниту за одземање на животните, ниту за мандаторна стерилизација. Иако кучињата кои се чуваат на јавна површина имаат сила со еден загриз да убијат животно и човек, инспекторите, како што велат од здружението, не препознале елементи на јавна опасност, ниту индиции за постоење дива одгледувачница за животни чиј пород потоа завршува кој знае каде, но најчесто за учество во борби до смрт.

 Доцниме многу со регулирањето на одговорното сопствеништво, трговијата со животни,; препознавањето и казнувањето на насилството врз животните. Да се забранеше неконтролираното размножување на кучиња, регулираше продажната дејност, даночеше сериозно секој кој има нестерилизана единка, субвенционираше стерилизација на секое вдомено, овој проблем одамна ќе беше решен. Да постоеше регистар на сопственици на одредени раси (кои се користат во борби), строги пропозиции за чување, ќе се воспоставеше контрола, ќе запреше голготата на кучињата кои многу често во борба одат и до смрт, граѓаните ќе беа побезбедни – велат од „Анима Мунди“.

Фото: Анима Мунди

Активистите додаваат дека „ни сто Лајки“ не можат да ја намалат бројката на бездомни животни, доколку секој поединец може во секакви услови да размножува куче, да го продава, да го мачи и кога ќе му текне да го исфрли на улица и за сето ова да не одговара.

Само во ЈП „Лајка“ има повеќе од 40- тина кучиња од раси кои ако се несоодветно чувани можат да бидат опасни, а повеќето се најдени на улица. И така ќе биде затоа што никакви контроли нема. Бараме новата Влада да внимава при назначувањето на министер за внатрешни работи, директор на АХВ; бараме луѓе кои се стручни, амбициозни и отворени за итни – неодложни измени на Законот за заштита и благосостојба на животните и Кривичниот закон – бараат од здружението.

Оттаму апелираат до сите политички субјекти, консензуално и во најкус рок да се донесе измена на Законот за заштита на животните по предлог решенијата на „Анима Мунди“ и сите останати здруженија кои со години се занимаваат со оваа проблематика.

Скопјани постојано се жалат и реагираат за бројот на бездомни кучиња по улиците, посочувајќи дека се чувствуваат небезбедно кога се движат особено во вечерните часови поради глутници кучиња. Граѓаните посочуваат дека по улиците има и опасни видови кучиња како што се ротфајлери и питбули, што неодговорни сопственици ги пуштиле кога им здодеало да ги чуваат. Речиси никогаш јавно не се кажало дали некој е казнет за неодговорно сопствеништво и каква казна му е изречена.

Во меѓувреме, граѓаните најчество за постоечката ситуација ја одбвинуваат „Лајка“, која со малкуте вработени и капацитетот со кој располага се обидува  да го амортизира проблемот. Притоа сосема се забораваат другите институции, како што е Агенцијата за храна и ветеринарство, како и ограничувањата кои ги предвидува актуелниот Закон за заштита и благосостојба на животните, којшто мора да претрпи измени.

Извор Слободен печат

АКТУЕЛНО

Поврзани објави