На 27 јануари 2006 година, првиот глобален Меѓународен ден за сеќавање на Холокаустот, генералниот секретар на ОН, Кофи Анан рече: „Незамисливата трагедија на Холокаустот никогаш да не се врати. Споменот мора да се одржува со срам и ужас сѐ додека трае човековото сеќавање.“
На 27 јануари 1945 година, советските вооружени сили, Црвената армија, го ослободија нацистичкиот концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау. Војниците најдоа малку преживеани, урнатини од гасните комори, мртви и пепел на убиените. Само во Аушвиц беа убиени околу 1,1 милион луѓе. Огромното мнозинство, околу 90 проценти, беа Евреи, а Аушвиц беше само едно од бројните места на интернирање и на масовни убиства од страна на националсоцијалистичка Германија во Европа.
Аушвиц: Заедничкото сеќавање поврзува
Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, истакна: „Сеќавањето е и гаранција за иднината. Бездната достигната во нацистичките логори на смртта започна со омраза, предрасуди и антисемитизам. Сеќавањето на овие корени може да нѐ држи свесни, секогаш да се внимава на предупредувачки знаци“.
27 јануари е должност за сите земји членки на ОН да се сеќаваат на прогонетите и убиени мажи, жени и деца. Резолуцијата 60/7 отфрла каква било форма на негирање на Холокаустот. Го поддржува развојот на образовни програми за сеќавање на Холокаустот и сака да придонесе во спречувањето на идни геноциди.
Цитирајќи ја Универзалната декларација за човекови права, резолуцијата ги осудува сите форми на „верска нетолеранција, поттикнување, вознемирување или насилство врз поединци или заедници врз основа на нивното етничко потекло или верски убедувања“ насекаде во светот.
Сеќавањето на Холокаустот во Израел – ЈомХаШоа
Во Израел, 27 јануари не е централен Ден за сеќавање на Холокаустот, туку Јом ХаШоа, кој обично паѓа во април. На тој ден две минути ечат сирени ширум земјата – автобусите, автомобилите, сите застануваат. Луѓето молчат, се сеќаваат на жртвите.
Меѓународно користениот термин Холокауст е изведен од грчки и значи „целосно изгорен“. Во Израел зборуваат за Шоа, „катастрофа“.
„Денот на сеќавање на Шоа и еврејското херојство“ првпат е востановен во 1951 година, а попрецизно е регулиран со закон во 1959 година. Денот се паѓа во месецот Нисан според еврејскиот календар. Се заснова на востанието во Варшавското гето во април 1943 година. Според еврејската традиција, денот на сеќавањето започнува претходната вечер. На комеморациите се палат шест факели кои ги симболизираат шесте милиони еврејски жртви. Наутро следуваат натамошни комеморативни настани во споменикот Јад Вашем во близина на Ерусалим.
На Јом ХаШоа, во Полска традиционално се одржува и меморијален марш долг околу три километри меѓу главниот концентрационен логор Аушвиц и логорот за истребување Аушвиц-Биркенау, каде што беа убиени најголем дел од луѓето. Во овој „Марш на живите“ обично учествуваат илјадници млади Евреи .
Денот за сеќавање на Холокаустот во Германија
По крајот на Втората Светска Војна и победата на сојузниците над Хитлерова Германија, помина уште половина век за дури во 1996 година тогашниот сојузен претседател Роман Херцог да го прогласи 27 јануари за ден на сеќавање на жртвите на националсоцијализмот. Оттогаш, знамињата на овој ден висат на половина копје на зградите на државните институции во Германија. Многу училишта ја разгледуваат темата на часовите.
Од 1996 година, освен тоа, на самиот Ден на сеќавање на Холокаустот, или непосредно пред или по него, во германскиот парламент се одржува и меморијален час за жртвите на нацизмот. Додека во првите неколку години, претежно германски политичари ги одржуваа комеморативните говори, потоа во земјата на сторителите за своите искуства пред пратениците на германскиот Бундестаг известуваа бројни преживеани од Холокаустот, но исто така и политичари од други земји како Израел, САД , Полска, Франција и Шпанија, Холандија, Чешка, Унгарија, Русија или Велика Британија. Тие ги споделуваа трогателните искуства и предупредуваа, како на пример претседателот на израелскиот парламент Мики Леви, кој во говорот пред Бундестагот во 2022 година порача: „Никогаш повеќе!“
Да не се повтори: Споменици на теророт
По завршувањето на Втората светска војна, на 8 мај 1945, Германија започна процес на осознавање на нацистичката диктатура и на нејзините злосторства. Спомениците не дозволуваат да бидат заборавени милионите жртви.
Нацистичкиот режим го отвори првиот концетрационен логор во Дахау, во близина на Минхен. Само неколку недели по доаѓањето на власт на Хитлер, тој беше искористен од паравоените СС-формации за затворање, измачување и убивање на политичките ривали. Дахау исто така послужи како модел за другите нацистички логори кои уследија. Нирнберг беше домаќин на најголемите митинзи на нацистичката пропаганда од 1933 година до почетокот на војната. Годишниот конгрес на нацистите, како и митинзите со по 200 илјади учесници се одржуваа на просторот од 11 квадратни километри. Денес, недовршената конгресна сала служи како документациски центар и музеј.
Меморијал на холокаустот
Лоциран во близина на Бранденбуршката порта во Берлин, Меморијалот на убиените Евреи во Европа беше отворен 60 години по крајот на војната. Архитектот Петер Ајзенман креираше поле со 2,711 бетонски плочи. Во подземјето се испишани имињата на сите познати жртви на холокаустот.
Недалеку од Меморијалот на холокаустот во Берлин, се наоѓа споменикот за илјадниците хомосексуалци прогоновауни од нацистите меѓу 1933 и 1945 година. Споменикот висок четири метри, со прозорец кој наизменично покажува двајца мажи и две жени како се бакнуваат, беше отворен во мај 2008 година.
Спроти зградата на Рајхстагот во Берлин, паркот отворен во 2012 година е и споменик за над 500 илјади убиени Синти и Роми од страна на нацистите. Околу меморијалниот базен испишана е поемата „Аушвиц“ на ромскиот поет Сантино Спринели на три јазици: англиски, германски и ромски.
Во 1990, уметникот Гинтер Демних започна со проект за соочување со нацистичкото минато. Спомен-плочки од месинг беа поставени пред куќи на жртвите на нацистите, со нивни лични податоци. Повеќе од 45 илјади „спомен плочки“ беа поставени во 18 земји во Европа – тоа е најголем децентрализиран музеј на холокаустот во светот.
Фокусот на меморијалниот час во 2023 година за првпат беше насоочен кон луѓето кои беа прогонувани од националсоцијалистите поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет.
Во 2024 година ќе стане збор за меѓугенерациското сеќавање. Во Бундестагот ќе говори Ева Сепеси, која беше ослободена од Аушвиц како дете на 27 јануари 1945 година. Новинарот Марсел Рајф, чиј татко го преживеа Холокаустот, ќе зборува во име на следната генерација.
Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик