Search
Search

Што се гасно-водородни централи и зошто ќе се градат во Битола и Неготино?

Енергијата станува сè поскапа, станува товар за стопанството и домаќинствата. Инвестициите во обновливи извори на енергија и слични на нив, пак се директен импут врз зголемената конкуренција на домашните компании, а за граѓаните тоа значи заштеда на домашниот буџет.

Владата планира да гради два енергетски капацитетa со помош на стратешки инвеститори поточно две гасно-водородни централи, во Неготино и во Битола, а кои треба да ги заменат РЕК Битола,  што треба да се затвори до 2030 година, и ТЕЦ Неготино.

За таа цел Владата го задолжи АД ЕСМ да почне преговори за потенцијален стратешки инвеститор и можна соработка за реализација на проекти за гасно-водородни централи Битола и Неготино. 

Информацијата до Влада ја испратило Министерството за економија со која се бара иницирање проекти за изградба на регионална 800MW гаснo-водородна централа Неготино и 250-300MW гасно-водородна централа Битола.

Експерти, пак, се на ставот дека земјава треба да гради нови енергетски објекти кои ќе треба да ги заменат термоелектраните на јаглен и мазут

Зелена револуција, зелена енергија

Согласно препораките на ЕУ за трансформација од производство на енергија од конвенционални централи, кон централи од обновливи извори до 2030 година, и за нашиот најголем произведувач на електрична енергија, но од јаглен чии резерви се веќе при крај, постојат планови за трансформација во производител на струја од обновливи извори. Оттаму и силно се работи на реализација на стратегијата за премин кон производство на енергија од обновливи извори и задоволување на потребите од енергија од сопствени капацитети .

Во 2016 година во нашата држава имаше инсталирано само 16 мегавати  обновливи извори на енергија, а според статистиките, од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија.

Во државата работат и се во систем, фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 396 мегавати кои произведуваат 610 гигават часови електрична енергија. Оваа енергија од фотонапонските централи произведуваат електрична енергија за 198.000 домаќинства. Но, не само тоа, од Регулаторна комисија за енергетика има издадени лиценци за дополнителни соларни централи со што до крајот на годината имавме инсталиран капацитет од 550 мегават часови кои ќе ги покриваат потребите за електрична енергија за 270.000 домаќинства во нашата држава.

Ако во нашата држава има 700.000 домаќинства за две години само од соларна енергија покриени се потребите за повеќе од 30% од потребите за нашите домаќинства и тоа само од соларна енергија.

И централата во Новаци може да работи на водород

Со стратешките политики, на долг рок, предвидливост во развојот на економијата и енергетска независност на државата земјава ги има природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви денови секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата може да се создаде Зелен енергетски центар во Европа. 

„ФЕЦ Новаци“ е последната централа која се отвори во септември е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства.

Инвеститор на овој значаен енергетски проект за производство на струја од обновливи извори е домашната компанија „МЕЈ Енерџи“ чија дејност е производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори, а значајна за земјата и од вкупен економски аспект, бидејќи претставува инвестиција вредна 40 милиони евра.

„ФЕЦ Новаци“ е изградена на целосно приватно земјиште, во соодветна класа за градба, согласно Законот за градење на фотоволтаични централи. Една од предностите на локацијата, како што велат од компанијата, покрај поволните временски услови, односно големиот број сончеви денови и поволната конекција за поврзување на 110 kV мрежа, е и близината на РЕК Битола, а може да работи и на водород.

Оваа фотоволтаична централа ќе даде голем придонес кон започнатата транзицијата на Македонија кон чисти извори на енергија и создавање систем кој ќе овозможи економија отпорна на климата, што е влог за иднината. Интензитетот на трансформација на Македонија кон на производство на енергија од обновливи извори придонесе веќе сега да биде реализиано Зеленото сценарио што, според Енергетска стратегија, беше планирано да се реализира до 2040 година и од земја во која домашно производство на струја доминантно се базираше на јаглен, сега сé повеќе стануваме земја со големо производство од обновливи извори.

„Меј Енерџи’ која има производен период од 25 години, електричната енергија  ја продава на слободниот пазар, првенствено на домашната економија, а доколку во даден момент домашната економија нема да има потреба од електрична енергија, таа ќе се продава во регионот во зависност од трошоците за пренос.

Зошто иднината му припаѓа на водородот?

Водородот е природен хемиски елемент и во исто време најчестиот елемент во универзумот. Има и најмала атомска маса и е 14 пати полесен од воздухот. Водородот не се наоѓа на Земјата во чиста форма, туку во комбинација со други елементи. Најпрво со кислород, односно во водата (H2O).

Како суровина, водородот долго време се користи во хемиската индустрија, на пример за производство на амонијак, кој е основа за производство на ѓубрива. Како извор на енергија за производство на електрична енергија, водородот се користи и во автомобилите со горивни ќелии. Во Германија, според Националната стратегија за водород (NWS, 2020), годишно се трошат околу 1,65 милиони тони водород – со вкупен енергетски биланс од околу 55 терават-часови.

Каде може да се користи зелениот водород?

Водородот се произведува, на пример, од вода, гас или нафта. Постапките за добивање на водород се разликуваат, во зависност од видот на фосилното гориво. Засега водородот главно се добива од метанот, кој е главната компонента на природниот гас. Оваа постапка не е еколошка. При производството на таканаречениот сив водород се произведува поголемо количество јаглерод диоксид (CO2), кој е штетен за животната средина.

Ако во тој процес некаде се складира јаглерод диоксидот, тогаш водородот се нарекува – син. Ако се добие цврст јаглерод, тогаш тоа е тиркизниот водород. Најдобар за климата е зелениот водород, кој се произведува на климатски неутрален начин, со помош на еко-електричната енергија добиена од силата на ветерот или сонцето. Во оваа таканаречена електролиза, со помош на „зелениот“ електрицитет, водата се „разделува“ на водород и кислород. Во Германија во моментов нема многу „зелен“ водород, но тој е сè попопуларен и баран.

Зошто водородот е важен за иднината?

Водородот се смета за клучен дел од идниот, климатски неутрален енергетски микс. Со користење на неговата енергетска вредност треба да се пополнат „дупките“ во снабдувањето со енергија, а водородот да се користи во оние области каде што не може да се користи електрична енергија. Како извор на енергија, водородот може да се „складира“, транспортира и користи за конверзија на енергија. Тоа е важен производ, особено во индустријата.

„Има толку многу работи во нашиот енергетски систем, во транспортот, во греењето или во индустриските процеси, што можеме директно да електрифицираме. И каде и да можеме да електрифицираме нешто, мораме да го направиме тоа“, вели шефот на европската асоцијација за енергија од ветер Windeurope, Гилс Диксон. „Но, не можеме да електрифицираме сè директно. И токму таму на сцена стапува водородот, „за дел од тешката индустрија, за делови од товарниот сообраќај, кои мораме да ги декарбонизираме со помош на водород“.

Водородот треба да преземе клучна улога во индустријата за челик: каде што јаглеродот се користеше до сега, водородот треба да се користи во иднина. „Отпадот“ во тој производствен процес повеќе не би бил CO2 штетен за климата, туку вода. Преминот кон нов производствен процес е многу скап, но може да има огромен ефект: челичарниците во Германија, според нивните сопствени изјави, се одговорни за индустриските емисии од околу 30 проценти од CO2.

Какви се искуствата во Германија?

За 2030 година, федералната влада во својата стратегија предвидува потреба од околу 90-110 терават-часови во Германија. Од тоа, според сегашните планови, треба да се произведат до 14 терават-часови со помош на новите постројки за електролиза во Германија. Најголем дел од потребите за водород треба да се „покријат“ со увоз.

Ова е моменталната ситуација, но може да се промени. Веќе годинава владата во Берлин, судејќи според напишаното во коалицискиот договор „семафор-коалиција“, има намера да ја ажурира стратегијата за водород. А плановите се амбициозни со веќе споменатиот NWS кој од 2020 година требаше да се удвои.

Увоз на водород, но од каде?

Федералната влада се обложува на меѓународна соработка, на пример со Австралија и Африка, региони со многу соларна енергија. Анализата во врска со Африка дошла до сознание дека водородот добиен на северот на Африка со помош на соларна енергија може да се произведува многу поевтино отколку во Германија.

Германските компании долго време работат и на изградба на дистрибутивни мрежи, за да може за само неколку години да се „испорача“ во Германија климатско неутрален водород. Енергетскиот концерн E.ON и хемискиот концерн Covestro потпишаа договор со Австралиска компанија. Деновиве беше објавено дека E.ON и енергетскиот концерн Uniper сакаат во иднина да увезуваат зелен водород од Канада.

Водород наместо природен гас во електраните?

Тоа е и идејата. Сега треба да се изградат нови електрани на гас, како што велат експертите, „H2-ready”. Ова ја отвора можноста подоцна да се користи водород во овие централи. И вака треба да се обезбеди снабдување со електрична енергија дури и кога нема доволно ветер или нема доволно сонце.

Досега природниот гас се сметаше за „преоден“ извор на енергија, како мост до нови видови енергија. Додуша, сè уште е целосно нејасно како гасната криза ќе влијае на сето ова во контекст на руската војна во Украина. „Војната само ја забрзува зелената агенда околу водородот“, рече државниот секретар задолжен за климатска политика Патрик Грајхен веќе во средината на март.

Каде се користи водородот? Дали ќе има доволно?

Во ситуации кога водородот не се користи на лице место, веднаш до постројката за електролиза во хемиска фабрика, тој треба да се дистрибуира до корисникот. Гасоводите веќе одамна почнаа да ја планираат дистрибуцијата. Таканаречената „мрежа H2“ би требало да биде долга околу 5.100 километри во Германија во 2030 година. Од тоа, 3.700 километри се потпираат на постоечката, но изменета гасоводна мрежа. Сепак, ова нешто ќе биде многу скапо: трошоците за инвестирање се проценуваат на околу шест милијарди евра.

Амбициозниот план е огромен предизвик за политиката и економијата. За многу од планираните области на примена, допрва треба да се најдат решенија за водородот воопшто да може да се користи во голем стил. Дополнително, зелениот водород извесно време нема да биде достапен во доволни количини и по пазарни конкурентни цени. И конечно, мора да се изгради дистрибутивна мрежа за да се пренесе таму каде што е потребно.

Побарувачката, инфраструктурата и понудата мора да се организираат истовремено. Затоа оваа земја кон крајот на мај 2021 година „дизајнираше“ стимулативна програма вредна неколку милијарди евра со посебен фокус на водородот. Станува збор за програмата „Важни проекти од заеднички европски интерес“, која вклучува 62 големи проекти поврзани со зелената водород.

АКТУЕЛНО