Search
Search

Синдикатите на ЈСП се заканија “или плата или нема да работиме“ – Арсовска очекува одговорност од Советот на Град Скопје

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје се наоѓа пред нова блокада откако репрезентативните синдикати ги повикаа советниците од Советот на Град Скопје итно да свикаат седница за гласање за субвенционирање на ЈСП, во спротивно, како што најавуваат, во понеделник нема да работат.

– “Репрезентативните синдикати во Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги повикуваат советниците од Советот на Град Скопје итно да свикаат седница на Советот со една единствена точка на дневен ред, а тоа е гласање за субвенционирање на ЈСП. Бидејќи истите тие советници го изгласаа буџетот на градот Скопје за 2024 година. Тоа значи, доколку не донесат одлука до недела, 21 јануари 2024 година, во понеделник, вработените во базите и другите сектори, нема да работат, бидејќи не е исплатена во законски рок изработената декемвриска плата“, велат од синдикатите.

Законски рок за исплата на декемврискаа плата, како што информираа оттаму, е 15 јануари, а следната редовна седница на Советот на Град Скопје е закажана за 31 јануари.

Од друга страна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, изјави дека очекува одговорност од Советот на Град Скопје.

Арсовска рече дека сите одлуки кои што се однесувале на редовното функционирање, поврзани со буџетот на Град Скопје, биле доставени до Советот.

– Оние одлуки што беа за редовното функционирање поврзани со буџетот на Град Скопје, уредно ги доставив до Советот и претседателот, дури свикав и една итна седница, која што тој одлучи со своето дискреционо право, точките кои беа најважни за претпријатијата на Град Скопје, да ги отстрани од дневниот ред. Како што можете да видите побаравме нова вонредна седница, истата сѐ уште не е свикана до овој ден. Јас се надевам дека прво одговорност ќе имаат со функцијата што ја имаат, доколку сакаат свесно да ги уништат претпријатијата, одговорноста е нивна, ние од наша страна се што сме можеле сме направиле, рече Арсовска.

 

АКТУЕЛНО