Search
Search

Скопје под лупа

На 15 септември, во 19 часот во Продажен салон на Културно информативен центар – Скопје беше отворена изложбата „Скопје под лупа“ на Јована Савевска.

Изложбата на фотографии се реализира во рамките на фестивалот „Звукот на Скопје“ 2023, во организација на Културно информативниот центар, Скопје.

 

Авторката за својот проект ќе истакне:

„Скопје под лупа“ не е крими-истрага, туку изблик на една креативна душа во период на подврзани крилја. Случувањата изминативе три години, кризите од повеќе размери за човекот создадоа нова реалност во четири ѕида. Поради тоа, во тој период почувствував потреба да се раздвижам, да создадам, да се фокусирам. Одлуката беше да се фокусирам на Скопје, односно на деталите на денешниот град, кој претрпе свои кризи и големи промени во својата конфигурација. Темпото на живеење на скопјани, видикот и чувството за припадност во градот се променија. Па, така личното дисконектирање посакав да го поврзам со она на скопјаните со Скопје. Фокусот на креативните аспекти на градот, вредностите, културното минато и современата скопска ситуација, станаа целта на моето фотографирање. Но, и желбата да се потсетиме, да се доближиме до меморабилиите на градот.

Фотографирани се дел од значајните архитектонски и скулпторски достигнувања, кои веќе ѕиркаат меѓу целиот урбан хаос и метеж. Фокусот е поставен преку поинаква перцепција, навидум испревртена, од една страна како мал експеримент, а од друга со цел да се истакне одбраниот објект. Објектот иако е јасно, чисто претставен, всушност лебди во замаглениот простор, целосно дисконектиран од контекстот. Целата серија на фотографии делува на документациска архива, каталошко презентирање, мапирање на култни точки. Направена во црно-бела техника, како мала доза на сентименталност кон нашето драго Скопје. Фотографиите се изработени во периодот од крајот на 2020 година, до почетокот на 2022 година.

Низ својата долга историја градот Скопје поминал низ најразлични културни трансформации, што го прави посебен. Но, Скопје не е само колекција од сцени и визури за уште една досадна разгледница – Скопје е и желбата и потребата, повторно и повторно да се запрашуваме за нашиот однос кон разбирањето на историскиот тек, за културното наследство и за јавниот простор. Кои се најпрепознатливите места во Скопје, и каков е односот на тие што живеат во него – што е тоа што го прави градот место на напластена историја и слоевит идентитет?

Јована Савевска (1990, Скопје) се занимава со фотографија повеќе од една деценија, и до сега учествувала на неколку изложби, меѓу кои и двете изложби „Жените и фотографијата“, во организација на фото клуб Куманово во 2021 и 2023 година, а значајно е и појавувањето на една од нејзините фотографии од серијата „Скопје под лупа“ на насловната страница на „Нова Македонија“ од 26 јули 2023 година, по повод 60-годишнината од Скопскиот земјотрес. Но, интересот и занимавањето со фотографија, а посебно серијата „Скопје под лупа“, на многу впечатлив начин се вкрстува и со нејзината двојна диплома како историчарка на уметноста и како археолог.

Изложбата на Јована Савевска се состои од 23 црно-бели фотографии од циклусот насловен „Скопје под лупа“ снимени во периодот помеѓу 2020 и 2022 година. Мотивите се од градот Скопје и во нејзиниот „фокус“ се репрезентативни и препознатливи јавни архитектонски и споменични обележја. Намерата на авторката е да се постават во една навидум поинаква превртена перцепција снимените објекти кои лебдат издвоени од контекстот. Од препознатливите урбани локации во поширокото централно градско подрачје коишто премостуваат повеќе времиња ги забележуваме Фонтаната и Школката во Градскиот парк, потоа Соборниот храм и камбанаријата на црквата Св. Димитрија, Саат-кулата и Даут-пашиниот амам, па покрај иконичките бетонски профили на отворениот ГТЦ и споменикот на Жената- борец, и специфичните цилиндрични форми на Поштата кои се контрапункт на Калето – оваа фотографска серија и буквално ги става под лупа сите овие препознатливи места и ги издвојува во една посебна и суптилно концептуализирана целина.

 

Извор marh.mk

 

 

 

 

 

 

 

 

 

АКТУЕЛНО